И Злеово доби Центар за ран детски развој

Нов Центар за ран детски развој, наменет за дечињата од три до шестгодишна возраст е отворен во радовишкото село Злеово. Отворањето на овој Центар е дел од иницијативата „Првите 5 се најважни на свет“

- Обезбедувањето на правилен психофизички и социоемотивен развој на децата треба да е приоритет на секое општество. Топлината и љубовта што им ја даваме од нивното раѓање па се до првиот училишен ден е најзначајна животна инвестиција, изјави градоначалникот на Радовиш Сашко Николов.

До неодамна, општините можеа да ги понудат само градинките, но, новиот Закон за заштита на децата, тие имаат законска основа да го зголемат опфатот и да го подобрат квалитетот на предучилишните програми преку основање центри за ран детски развој.  

Иницијативата „Првите 5 се најважни на свет“ им овозможува на општините да пристапат до средства за основање на центарот онаму каде што е најпотребно и за обука на персоналот кој ќе работи со децата. 

- Центрите за ран детски развој се од најголема полза за оние места во кои нема можност или потреба за отворање градинка, рече Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Центрите за ран детски развој претставуваат поевтина можност за општините и за родителите. Некои центри ги покануваат родителите да дадат минимални донации за покривање на трошоците за потрошни материјали (боички, хартија, лепило, итн.), родителите не плаќаат за нивното дете да ја посетува оваа програма.

Центарот во Злеово е четвртиот кој е отворен со средства донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија. Планирано е отворање на центри во Долно Лисиче, Аеродром и во руралните средини од општините кои се придружија на иницијативата – Центар Жупа, Охрид и Гостивар.

19.06.2014 - 10:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега