Македонија треба да ја добие новата Влада
Македонското Собрание денеска ќе избира нова Влада. Мандатарот Никола Груевски пред десетина дена ја достави програмата и составот на новата Влада до Собранието, откако неговата партија ВМРО-ДПМНЕ постигна договор за коалицирање со Демократската унија за интеграции.
ВМРО-ДПМНЕ ќе формира Влада во коалиција со Демикратската унија за интеграција.
Во програмата на новата Влада се наведува дека во периодот 2014–2018 година, Владата ќе остане фокусирана на остварување на стратешките приоритети и цели на Република Македонија.
Владата, се наведува во програмата ќе работи на зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија, како клучни елементи за креирање на општество базирано на знаење.
За остварување на стратешките определби, се вели во програмата, Владата ќе остане фокусирана на реализацијата на реформите и проектите кои ќе придонесат за развој и просперитет на Република Македонија.
Мандатарот Груевски, за министер за одбрана го предложи досегашниот амбасадор во САД Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љирим Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиески и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.
За министри без ресор се номинирани Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа