Јолевски: НАТО е највисок приоритет на Македонија

Членството на Македонија во НАТО е највисок приоритет во надворешната политика на Македонија. Следниот период, целосно ќе се посветам на остварување на оваа цел. Дали тоа ќе се случи за два и пол месеци или на некој состанок на Северноатлантскиот совет (НАК), бидејќи формално-правно поканата за Македонија не мора да и` биде врачена само на самит, може тоа да се случи на било кој состанок на НАК, вели Зоран Јолевски кој во Вашингтон мина речиси седум години во својство на амбасадор, во интервју за Гласот на Америка на македонски.

Јолевски, кој сега е номиниран за министер за одбрана, како свое најголемо постигнување за време на неговиот мандат во Вашингтон го посочува потпишувањето на Декларацијата за стратешко партнерство и пријателство со САД во 2008-ма.

-САД е многу значајна земја, силно општество. Соработката може понатаму да напредува во сите области, вели Јолевски за Гласот на Америка на македонски. 

Со оглед дека е номиниран за министер за одбрана, Јолевски се осврна на очекувањата од ресорот и на реформите кои се неопходни за членство во Алијансата.

-Треба да ги имаме во предвид приоритетите на одбраната и безбедноста на Република Македонија и паралелно, приоритетите на НАТО. Една од концептите за кои овде во САД доста се разговара е таканаречната „мудра одбрана“, односно како можат капацитетите на земјите-членки на НАТО да се надополнуваат една со друга, така што Македонија треба да најде соодветно место во структурите на НАТО. Јас ќе работам во таа насока и тоа не само во координација со членките на НАТО, туку и во координација со нашите соседи, вели Јолевски во интервјуто. 

Јолевски не открива дали и понатаму ќе остане преговарач за Македонија во спорот за името со Грција.

-Една од првите работи што ги направив кога бев предложен за министер за одбрана е да му се јавам на медијаторот Метју Нимиц, да го информирам за мојата нова функција, при што се договоривме дека разговорите под покровителство на ОН треба да продолжат, како и за тоа дека Македонија останува посветена за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение кое ќе го заштити македонскиот идентитетот и дигнитетот. Се договоривме тој да продолжи со неговиот план наскоро да ги посети Скопје и Атина, вели Јолевски во интервјуто за ГЛасот на Америка. 

17.06.2014 - 10:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега