Вооружена кениска банда усмрти 50 луѓе

 

Вооружена група синоќа уби приближно 50 луѓе во кенискиот град Мпенкетони, соопштија денеска властите во Најроби.

Според очевидците, жртвите пред да бидат елиминирани биле подложени на јазичен и религиозен тест. Убиени биле тие што дале погрешен одговор. Напаѓачите ги елиминирале оние кои не биле муслимани или не го зборувале сомалискиот јазик.

Ан Гатити изјави дека напаѓичите и дошле во домот и го убиле нејзиниот сопруг откако тој изјавил дека неговото семејство е христијанско.

Друг жител, Џон Ваверу изјави дека неговите двајца браќа се убиени откако им кажале на напаѓачите дека не го зборуваат сомалискиот јазик.

Градот Мпенкетони се наоѓа во близина на границата меѓу Кенија и Сомалија.

На слични религиозни тестови беа подложени и жртвите од трговскиот центар „Вестгејт“ во Најроби, при минатогодишниот напад. 

16.06.2014 - 18:59
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега