САД најавија воена соработка со Иран

 

Американскиот државен секретар Џон Кери изненадувачки најави дека САД се отворени за воена соработка со Иран, откако се засилија критиките во американската јавноста дека Техеран е на пат да ја преземе контролата врз голем дел од Ирак.

Ирак е соочен со граѓанска војна, откако сунитската група Исламска држава во Ирак и Левантот (ИДИЛ) за кусо време освои повеќе големи градови и почна да му се заканува дури и на главниот град Багдад.

- Мислам дека сме отворени на конструктивен процес кој би можел да го минимизира насилството, да го задржи Ирак обединет, да го зачува интегритетот на земјата, и да го елиминира присуството на надворешна терористичка група која се обидува да ја подели земјата. Да видиме што Иран е подготвен да стори, а што не е подготвен да стори, пред да дадеме некакви најави, изјави Џон Кери.

Како ѓто јави дописникот на МИА од Вашингтон, пред изјавата на Кери и претседателот Барак Обама, кој минатиот петок зборуваше за кризата во Ирак, изјави дека и ирачките соседи имаат обврска да го поддржат процесот на смирување на состојбата во земјата.

Кери минатата недела имаше и разговор со ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари по што додаде дека САД ќе подадат рака до меѓународната заедница и соседите на Ирак за да се изнајде начин да се запре напредувањето на ИДИЛ.

- Во интерес на сите е да се стабилизира Владата во Ирак. Ако САД сфатија дека овие групи претставуваат закана за безбедноста во регионот и ако САД навистина сакаат да се борат против тероризмот, тогаш тоа е заедничка глобална кауза, изјави министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф.

Во разговор за американското списание „Њујоркер“, Зариф вели дека како и Обама, е загрижен од опасноста сунитската група ИСИЛ да ги нападне шиитските свети места во Ирак.

Иран, како најголема шиитска држава во светот, се смета себеси за заштитник на помалата од двете најголеми муслимански верски заедници во светот. Шиитите се мнозинство и во соседниот Ирак, особено на југот на земјата, а актуелниот ирачки премиер Нури ал Малики ја предводи најголемата шиитска коалиција во Ирак и честопати ставил на знаење дека во Иран гледа пријател и сојузник.

САД го обвинуваат Малики дека не е подготвен да ја дели власта со ирачките сунити, кои сочинуваат околу 30 проценти од населението и се мнозинство во централниот и западниот дел на земјата и Курдите, кои со 15 проценти од населението и се мнозинство на северот.

Трите заедници во Ирак имаат свои паравоени групи, а шиитите ја контролираат и официјалната армија на државата, која изминативе недели покажа дека не може да дејствува во областите каде сунитите се мнозинство и се распадна под ударите на ИДИЛ, чии борци имаат неколкугодишно искуство на војување во граѓанската војна во соседната Сирија и велат дека се борат за создавање на нов сунитски Калифат кој ќе ги обедини Дамаск и Багдад.

Како свој одговор, Иран најави можност да испрати оружје и воени инструктори да им помогнат на ирачките власти да го запрат ИДИЛ, но Иранците не планирале да испратат свои униформирани воени единици во Ирак, стравувајќи дека тоа ќе предизвика дополнително поларизирање на односите меѓу сунитите и шиитите во земјата.

Идејата дека претседателот Обама, кој ги повлече своите сили од Ирак во 2011 година, ќе му дозволи на Иран да направи вазалска држава од Ирак со неверица се доживува во САД.

- Да бев мајка, која загубила син во војната во Ирак, ќе марширав на Вашингтон да прашам што по ѓаволите правите, изјави американскиот коментатор Мајкл Реган, син на поранешниот претседател Роналд Реган.

- Претседателот сака да го внесе Иран во решавањето на овој проблем, а секретарот Кери вели дека е отворен кон воена соработка со Иран. Иранците веќе со децении се борат против нас и не убиваат, обвини Стивен Хејз, безбедносен коментатор за неделникот Викли Стандард.

Американската опозиција го обвинува претседателот дека со одлуката да се повлече од Ирак го загубил целото скапо извојувано влијание врз оваа држава, и сега е на пат територијално да го прошири Иран и да го претвори во една од најголемите светски нафтени суперсили, со контрола врз ирачките извори на нафта, барем во деловите на земјата каде шиитите се мнозинство.

САД неодамна значително ги ослабнаа санкциите против Иран, откако иранските власти ветија дека ќе се откажат од својата нуклеарна програма.

Ова приближување на САД кон Иран потресе една од најдлабоките сојузнички врски на САД во регионот, со една од најголемите сунитски сили - Саудиска Арабија. Властите во Саудиска Арабија остро го критикуваа американското откажување, во последен момент, од нападот врз Сирија минатото лето, каде диктаторот Башар ал Асад, помогнат со оружје од Иран, Русија и шиитската група Хезболах од Либан, успеа да прејде во противофанзива и значително да ја намали територијата под контрола на сунитските сириски бунтовници кои се поврзани со ИДИЛ.

16.06.2014 - 17:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега