Симон Трпчески го воодушеви Ливерпул

 

Познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, синоќа настапи со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар во со денови однапред распродадената концертна сала на неокласичното здание „Сент Џорџ“.

Покрај тоа што заедно со најстариот симфониски оркестар во Велика Британија како солист на пијано ги отсвире Првиот концерт од Шостакович и Увертирата на еврејски теми од Прокофјев, Трпчески за прв пат настапи и како диригент. На програмата беа и дела од Брамс и Елгар.                            

Во последниве 30 дена, Трпчески како „уметник на престој“ во градот на Битлсите настапи дури четири пати, а во минатата седмица со три концерти со сосема различна програма (рецитал, камерна вечер и оркестарски). Македонскиот пијанист одржа и мастер-класа на Кралскиот колеџ за музика. Големото финале беше токму најновата соработка со извонредниот оркестар кој инаку работи со прославениот шеф-диригент Василиј Петренко, а за чија комбинација со Трпчески британските медиуми не штедат комплименти, нарекувајќи ги „тим од соништата“. 

Настапот на Трпчески беше поздравен со стоечки овации и со изведба на бис на заштитната тема, „Никогаш нема да шеташ сам“ од Роџерс и Хамерштајн, во аранжман на Панде Шахов.

- Драго ми е што Македонската радио-телевизија посведочи уште еден историски настан поврзан со мене, овде во Ливерпул каде што се случи моето деби како пијанист и диригент, како завршен концерт во неделата во која бев резидентен уметник во сезоната на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар. Навистина беше тешко да се комбинираат двете одговорности. Мозокот треба да работи на сите страни, човек треба да биде подготвен и да ја има партитурата во малиот прст, вели Трпечки за МРТ. 

Имав среќа, додаде тој, што соработував со фантастични музичари, многу колегијални и позитивни на пробите и луѓе кои имаа желба да соработуваат, а многу добро си ја знаат својата работа.

- Водењето на овој концерт на Шостакович од пијанистичкото столче не се случува често, бидејќи партитурата воопшто не е наивна, но заедно и со трубачот и целиот оркестар мислам дека успешно ја раскажавме нашата приказна. Бев многу мотивиран и инспириран. Иако и самиот чувствувам дека имам талент за диригирање, сепак ова не беше моја идеја. Идејата дојде од самиот Оркестар при поканата со неколку концерти да бидам нивен резидентен уметник, кои завршија токму во салата што го носи името на татко ми, рече Трпчески.

И менаџментот на Трпчески - ИМГ Артистс го збогати исклучителното доживување пред одушевената ливерпулска публика и приреди пријатното изненадување - само на овој настан претпремиерно беше достапен новиот компакт-диск на „дрим тимот“ во состав Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, диригентот Петренко и пијанистот Трпчески, а на кој изведуваат два концерта од Чајковски. Официјалното излегување и продажба на ова со нетрпение очекувано издание е најавено за наесен.

Поради големиот интерес за распродадените настапи на Трпчески во Ливерпул, веќе се закажани двата концерта за следната, јубилејна 175 сезона на Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар, кога на 18 и 19 февруари наредната година на сцената ќе им се придружи и шеф-диригентот Петренко. Во меѓувреме, Трпчески и Петренко веќе на стартот на новата сезона во август, ќе настапат заедно со неколку оркестри во Италија, Австрија, Холандија и Норвешка.

16.06.2014 - 09:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега