Страшно на скопските улици: Двајца загинати, 25 повредени

 

За време на викендот на скопските улици се случиле вкупно 31 сообраќајна незгода.

Во петокот, се случиле вкупно 12 сообраќајни незгоди. Пет од нив се со последица материјална штета и седум со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патнички моторни возила, еден пешак, тројца сопатници и двајца мотоциклисти.

Се случила уште една незгода со мала материјална штета во која бил пополнет Европскиот извештај за случена сообраќајна незгода.

Во саботата, пак, се случиле 11 сообраќајни незгоди. Пет од нив се со последица материјална штета и пет со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на патничко моторно возило, двајца пешаци, еден сопатник и двајца возачи на мопед.

Се случила и една сообраќајка во која тешки телесни повреди заработило едно лице.

Вчера на скопските улици се случиле осум сообраќајни незгоди. Четири од нив се со последица материјална штета и една со последица телесна повреда во која со полесни повреди се здобиле две лица.

Вчера се случила и една сообраќајка со тешки телесни повреди, во која со тешки телесни повреди се здобило едно лице, а телесни повреди заработиле три лица.

Се случиле и две несреќи со загинати лица. Првата незгода се случила во 4 часот и 30 минути на регионалниот пат Скопје – Петровец, во населено место Трубарево. Во незгодата учествувал автомобил „опел вектра“ со велешки регистарски таблички, управувано од скопјанец и автомобил  „Југо“ со скопски регистарски таблички управуван од скопјанец. Со тешки повреди се здобил возачот на Југото, кој бил пренесен во Градската болница „Свети Наум Охридски“ каде по кратко време им подлегнал на повредите. Во незгодата со тешки повреди се здобило едно лице, а две лица се здобиле со телесни повреди.

Втората несреќа се случила во 9:40 часот во село Глумово, во близина на гробиштата Горна Матка. Во незгодата учествувал камион „мерцедес“ со скопски регистарски таблички, управуван од скопјанец. Тој  изгубил контрола на возилото, се превртел и како последица од незгодата еден од сопатниците им подлегнал на повредите.

Полицијата за време на викендот уловила и казнила возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол, 35 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив 14 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, четворица возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и 61 возач кои ги управувале своите возила по истекот на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола.

Исто така преземени се мерки и по прекршоците кои ги чинат возачите на велосипеди со помошен мотор, мопед и мотоциклист при што санкционирани се 19 лица кои сториле прекршоци по разни основи. Од нив, 10 возачи не го носеле заштитниот шлем за време на управување на возилата.

Со помош на специјалното возило „пајак“ беа отстранети 83 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива. 

16.06.2014 - 09:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега