Европски партии: СДСМ да се врати во Парламентот

 

СДСМ да се врати на работа и проблемите да ги решава преку дијалог, апелираат политичките партии од Европскиот парламент. И левицата и десницата се согласуваат дека бојкотирањето на институциите е нездраво за демократијата.

Во Европскиот парламент, каде се подготвува конститутивната сесија во Стразбур, на прашањето поставено од МИА директно до политичките групи, од групата на Европските социјалисти и демократи одговорија дека ги поддржуваат изјавите на еврокомесарот Штефан Филе, кој ја повика опозицијата да се врати на работи во Собранието.

- Ова ќе биде најдобар начин за решавање на проблемите и да се придонесе за реформите кои се неопходни за земјата. СДСМ е нашата сестринска партија и ние им пружаме солидарност со предизвиците со кои се соочуваат во нивната домашната политика. Но ние признаваме дека културата на бојкоти и дезангажирање од страна на една партија во која било од нашите земји-партнери, ризикува да биде контрапродуктивна и да го минира демократскиот процес, одговорила групата на Европските социјалисти и демократи, пренесува МИА.

Групата на социјалистите и демократите забележува дека известувачот за Македонија, Ричард Ховит, ја одобрува оваа декларација, откако претходно помогна за склучувањето на 1 мартовскиот договор, со кој заврши претходниот бојкот на Парламентот. Групата на социјалисти и демократи се согласува со СДСМ дека изборните нерегуларности кои се сметаат како причина за бојкотот треба да се проучат. Овие нерегуларности беа подвлечени од страна на ОБСЕ и заедничката изјава на делегацијата на ЕУ и на Амбасадата на САД.

Групата на Народните партии го посочува политичкиот дијалог како средство за решавање на политичките разлики и истакнува дека бојкотирањето на Парламентот може негативно да се одрази врз политичкиот процес во земјата.

- Ние им советуваме на главните политички актери да воспостават конструктивен политички дијалог и да осигураат коректно функционирање на демократските институции на земјата, завршува одговорот на Народните партии.

Од групата на Зелените и Слободната европска алијанса велат дека тие засега не се во мерка да реагираат, бидејќи по европските избори во нивната група повеќе немаат пратеник кој го следи македонското прашање. 

14.06.2014 - 10:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега