На 1. септември почнува снимањето на „Ослободување на Скопје"

 

Стартуваа подготовките за снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“, според драмскиот текст на Душан Јовановиќ. Филмот ќе се снима на македонски јазик, во Битола и во околината на Велес.

По тој повод, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со актерот и режисер Раде Шербеџија и со Роберт Насков од продуцентската куќа „Партизанс“.

Канческа-Милевска информираше дека работата на филмот ќе почне на 20 август, а од 1 септември ќе стартува снимањето кое се очекува да трае околу седум недели. Филмот ќе се сними до крајот на ноември, а ќе биде готов до средината на следната година.

- Во филмот до голем израз ќе дојдат македонскиот сензибилитет, музика, архитектура и нашите природни убавини, рече Канческа-Милевска и изрази надеж дека ќе имаме успешен филм. Додаде дека Шербеџија е голем поддржувач на Македонија.

Според Раде Шербеџија, кој денеска доби македонско државјанство, тоа е природен процес бидејќи цел живот ја сака Македонија, македонскиот менталитет, македонската музика, а се дружи и со пријатели од нашата земја.

- Направивме сјаен избор на актери. Главно сите се македонски, а моја партнерка во филмот ќе биде Силвија Стојановска, рече Шербеџија.

Насков истакна дека на сценариото работеле Душан Јовановиќ, Раде Шербеџија и во една фаза Живоин Павловиќ. Нагласи дека ќе бидат вклучени голем број филмски работници, млади и актери од повозрасната генерација. Сценограф ќе биде Иван Бартлинг, а директор на фотографија ќе биде Дејан Димевски. Музиката е на Влатко Стефановски.

- Главната база на филмот ќе биде стационирана во Битола, каде се избрани најголемиот број од локациите. Веќе се потврдени главните локации каде ќе се снима филмот. Дел од филмот ќе биде снимен во Велес и околината, рече Насков и додаде дека освен него во продуцентскиот дел се вклучени и Горјан Тозија и Владимир Анастасов.

„Партизанс“ ќе биде македонски продуцент во филмот. Филмот ќе биде копродукција меѓу Македонија, Хрватска, а до крајот на овој месец се очекува официјална потврда и од Финска. Белгија е вклучена како копродуцент во делот на тонот, а ќе има копродуценти и од Исланд. Ќе има и германски актери, но ти се уште не се потврдени.

Филмот „Ослободување на Скопје“ е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија во 2012 година. 

13.06.2014 - 14:38
Фото: 
mia
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа