Најдобри мезиња за фудбалските натпревари на СП Бразил

Додека познатиот светски гастроном Џејми Оливер предлага да уживаме во ајвар и ќебапи за време на фудбалските натпревари, Press24 со своја листа на мезиња

Пилешки прсти

Пилешкото бело месо се сече на парчиња по должината. Парчињата се ставаат во длабок сад каде ги зачинуваме.

Во друг сад ставаме малку брашно, презла, јајца, оригано, лажица сок од лимон и маслиново масло за готвење. Ја мешаме смесата додека да се соедини, по што ја истураме во садот со исечканите парчиња пилешко месо. По желба, во смесата може да и се додаде и сусам. Оставаме на отстои во фрижидер најмалку десетина минути.

Потоа, во загреана тава ги пржиме парчињата едно по едно. Сервирајте ги со кечап, а идеална комбинација е и тар тар сосот, како и сосот од мед и сенф.

Грицки со сос од павлака и мајонез

За многумина чипсовите, смоките и стапчињата се незаменлива храна за време на спортските натпревари. Зошто да ги јадете суви?

Направете сос од павлака и мајонез. Еве како: во длабок сад ставете павлака и добро промешајте ја. Додадете мајонез и малку сенф. Повторно мешате додека смесата не се соедини. По вкус додадете сол, оригано, босилек или некој друг ваш омилен зачин. Оставете го во фрижидер да отстои најмалку 30 минути и е подготвено за сервирање.

Ова е многу вкусна комбинација, но не е препорачлива за оние кои внимаваат на исхраната, а особено на бројот на калории кои ги внесуваат во организмот.

Пуканки

Идеално за оние кои не би сакале да потрошат повеќе од 10на минути во подготовка на „спортското“ мезе.

Во поголемо тенџере додајте масло за јадење. Потребно е да се употреби доволно масло за да се потопат зрната за пуканки. Кога маслото ќе се загрее додадете ги зрната. Тенџерето го поклопувате со капак откако ќе почнат да „пукаат“. Не заборавајте одвреме – навреме да го протресете тенџерето со цел речиси сите зрна да се претворат во пуканки.

Потоа зачинете ги со сол, а за љубителите на лук, може и со лук во прав.

Свежо овошје и зеленчук

Овој период од годината има навистина голем избор на зеленчук и овошје на зелените пазари, маркетите и локалните продавници. Зошто да не подготвите некоја традиционална зеленчукова салата? Или пак исечете по должина парчиња краставица и сварен морков сервирани во одделни чинии. Вкусот ќе биде покомплетен и побогат ако ги послужите заедно со шери домати пресечени на четири парчиња.

Второто полувреме „зачинете го“ со овошна салата од свежи праски, кајсии и цреши, а по вкус додадете и ананас, јагода или друго сезонско овошје.

Здраво, брзо и многу освежително.

Чоколадно фонду

Многу едноставен рецепт со кој ќе подготвите јадење кое сите го обожаваат. Во сад ставете слатка павлака и загревајте ја пополека. Потоа, во неа додавајте ги парчињата чоколадо за готвење и мешајте додека смесата не се соедини.

Наш предлог е да додате и неколку парчиња чоколадо како на пример тоблероне, а за оние кои сакаат да експериментираат може да додадат и мелени ореви, лешници или бадеми. Секој по свој вкус.

Идеално се комбинира со јагоди, банана исечена на тркалца, киви, праски или било кое ваше омилено овошје. Еден совет од нас: јадете со мерка, бидејќи толку е вкусно што нема да можете да запрете со јадење.

 

Навивањето може да започне! Нека победи вашиот фаворит J

13.06.2014 - 11:37
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега