Почувствувајте ја Италија во Скопје

Курс за вљубеници во италијанската кујна, практична обука за професионални готвачи, презентација на италијански производи, модна ревија со италијански дизајнери, семинар за технологија за винска индустрија, нуди првиот Италијански фестивал што денеска ќе се одржи во Скопје.

Фестивалот е во организација на Канцеларијата за економска соработка при Амбасадата на Италија во Македонија.

Пораката на фестивалот е „Почувствувајте ја Италија со сите ваши сетила“.  Италијанскиот фестивал е традиционална манифестација која ја организира ИЧЕ - Агенција на италијанската Влада за промоција на економската соработка, во различни земји во светот. Целта е промоција на италијански производи, италијанска култура и животен стил.

Главен партнер за организација на фестивалот е АЛМА, Меѓународната академија за италијанска кујна и најценетиот образовен институт за италијанска кујна во светот. Основана е во 2004 година од Маестро Гуалтиеро Маркези, основоположник на современото италијанско кулинарство.

Во рамки на програмата, ќе се одржат и вечери на италијанската кујна со гостување на шеф Кристијан Броља во скопските ресторани Воденица, Џино и Пелистер. Курс за љубители на италијанската кујна ќе се одржи на 15 јуни во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје, а на 21 и 22 јуни ќе има презентација на италијански прехранбени производи и пијалоци во Веро центар.

13.06.2014 - 08:35
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега