Внимавајте може да не е настинка - еве како да се зашитите од опасниот корона вирус - МЕРС

Во Македонија нема регистриран случај на заболен од МЕРС, нов тип корона вирус кој доведува до многу потешки состојби, па дури и смрт. Земјава постојано презема превентивни активности за заштита на населението од овој вирус. Скопската клиника за инфективни болести е подготвена за испитување и третман на заболен, со воспоставени протоколи за постапување и спречување на интрахоспитални инфекции, а во Инстиутутот за јавно здравје се обезбедени тестови за дијагноза на сомнителен случај. 

-Коронавирусите може да предизвикаат болести кај луѓето кои се движат од настинка до тежок акутен респираторен синдром, како што е САРС. Во моментов нема соодветна вакцина. Се смета дека случаите (досега 683 регистрирани во светот, со 204 смртни исходи, смртност 30 отсто) се заразиле од контакт со заразени животни или консумација на непреработени производи од заразени животни, пред се камилата, преку пренос од едно на друго лице или преку стекнување на болеста во здравствени установи. Последните два случаи се две сестри во Иран кои не патувале, но биле во контакт со лице кој се вратило од аџилак во Саудиска Арабија, истакна денеска на прес-конференција Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство.

Костовска посочи дека во насока на преземање на навремени активности, Комисијата за заразни болести при Министерството ја следи состојбата и ги спроведува препораките на Светската здравствена организација.

- До сите матични лекари е дистрибуирана информација за за потребата за алерт и сомнеж за можна појава на заболен од МЕРС-корона вирус, која е доставена преку Центрите за јавно здравје и Здружението на матични лекари. Подготвена е брошура со основни информации за МЕРС-корона вирус. За лицата кои патуваат се подготвува краток памфлет за патници со основни препораки за превенција кои ќе се достават до аеродромот „Александар Велики“ и до сите гранични премини, објасни Костовска.

Таа потенцираше дека подготвени се и протоколи за постапување и меѓусебно информирање меѓу Министерството за здравство и медицинските тимови од аеродромот „Александар Велики“ за постапување при евентуална појава на заболен патник. 

- Како и секоја година Министерството и Државниот санитарен и здравствен инспекторат организираат средби со организаторите за заминување на аџилак и со медицинските тимови, со цел запознавање со основните превентивни мерки пред за време на патување и по враќање, посочи Костовска.

Симптоми на МЕРС-корона вирус, рече таа, се температура, треска, кашлица, глад за воздух и тешкотии при дишењето и иако најголем број од заболените развиваат пневмонија, еден дел имаат гастроинтестинални симптоми со дијареа, а кај некои се појавиле бубрежни тегоби.

Како што објасни Костовска, се уште не е е добро проучена трансмисијата на МЕРС вирусот, а се чекаат резултатите од студиите кои се во тек. Третманот, како што укажа, е симптоматски, супортивен и се базира на клиничката состојба на болниот во даден момент. 

- Се препорачува за лицата кои патуваат во ризичните земји од блисто-источниот регион да избегнуваат близок контакт со секој кој покажува симптоми на респираторна болест, да одржуваат редовна хигиена на рацете, да консумираат добро термички обработено месо, измиено или излупено овошје или зеленчук, безбедна вода - најсигурно флаширана, да избегнуваат контакт со: диво или домашно животно, со камили, да не посетуваат фарми. Доколку се јават симптоми на болест при патување треба да се побара лекарска помош и да се избегнува близок контакт со други луѓе се додека постојат симптоми и да одржува добра респираторна хигиена со цел да не се пренесе болеста на други, рече Костовска.

Ако се појават респираторни симптоми, како што се кашлање или кивање, нагласи Костовска, треба да се кашла или кива во ракавот со свиткан лакт, или во марамче, кое веднаш по употребата се фрла во корпа за отпадоци.

- Лицата кои патувале во земјите на на Блискиот Исток ако во рок од 14 дена од враќањето развијат акутна респираторна болест посебно инфекција придружена со треска или кашлање, истакна таа, треба веднаш да побараат медицинска помош, да кажат за патувањето, веднаш да ги известат локалните здравствени установи, да внимаваат при кашлање и кивање, да го сведат на минимум контактот со други лица за да се спречи понатамошна трансмисија, рече Костовска.

МЕРС првпат е регистриран во Саудиска Арабија во 2012 година. Вирусот широко циркулира на Арабискиот Полуостров и повеќето случаи се пријавени од страна на Саудиска Арабија(околу 600), како и од земјите од Блиски Исток (Јордан, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија, Обединети Арапски емирати, Јемен,Иран), Европа (Франција , Германија, Грција, Италија, Холандија, Англија), Африка (Египет, Тунис, Алжир), Азија (Малезија и Филипини), Северна Америка (САД). Сите случаи имале некоја врска (директна или индиректна) со Блискиот Исток. Забележана е ограничена локална трансмисија меѓу луѓе кои не биле на Блискиот Исток, но и тие биле во близок контакт со лабораториски потврдени или сомнителни случаи.

- СЗО им препорачува на сите земји-членки да го засилат надзорот над тешките акутни респираторни инфекции (САРИ) и внимателно да ги иследуваат сите случаи на невобичаени САРИ или пневмонии. СЗО се залага земјите-членки редовно и навремено да известуваат за сите веројатни или потврдени случаи на инфекција со МЕРС-корона вирус. СЗО не препорачува какви било рестрикции при патување или трговија во однос на МЕРС-корона вирус, додаде Костовска.

Костовска информираше дека во соседна Грција е регистриран еден случај на заболен од МЕРС.

12.06.2014 - 14:44
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега