Се запали мотор на авион на аеродромот во Скопје

Дефект на моторот на авионот на компанијата „Ер Србија“ се случил вчераутро при подготовките за летнување од скопскиот аеродром „Александар Велики“, јавува Дневник. Авионот требало да лета на редовна линија Скопје-Белград, а при овој инцидент немало потешки последици и никој од патниците не бил повреден. 

Патниците велат дека забележале како од едниот мотор излегува густ црн чад и оган. 

- Воопшто не ми беше пријатно, забележав само како гори моторот. Веднаш ~ кажав на стјуардесата дека моторот гори. Таа погледна низ прозорецот и се исплаши од глетката. Во авионот почна да мириса на изгорено. Не паничев, ама веднаш моравме да го напуштиме. Овој момент ќе го памтам цел живот. Многу се исплашив од глетката бидејќи огнот можеше да се прошири. Сепак, на крајот тоа се спречи - вели за Дневник една патничка, која од Белград требало да патува преку океан.

Таа додаде дека пред да избувне огнот авионот имал проблеми со стартувањето. Неколку пати снемувало струја и при последниот обид пламнал моторот.

За инцидентот на својот фејс-бук-профил вчера напиша и скопскиот актер Петар Стојковиќ. 

- Немавме среќа да летнеме бидејќи непосредно пред поаѓањето се запали десниот мотор на авионот. Сите патници ги евакуираа надвор од авионот на безбедно - наведе тој.

Од компанијата „Ер Србија“ негираа дека се случило такво нешто.

- Нема ништо од тоа, во прашање е технички проблем поради кој летот е откажан. Патниците се префрлени за попладневниот лет. Механичарите со резервните делови се во Скопје и работат на поправката на авионот и неговото враќање го очекуваме во вечерните часови, вели Маја Гедошев, одговорна за корпоративни работи. 

За овој инцидент на скопскиот аеродром Дневник не добила официјална информација. На аеродромската информативна табла вчера претпладне пишувало дека тој лет е откажан.

12.06.2014 - 12:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега