Еве колку време трошат Македонците на муабетење на мобилен

Македонските граѓани  месечно трошат 179,46 минути зборувајќи на мобилен телефон, додека на фиксен поминуваат по 107 минути, покажува анализата на АЕК за четвртиот квартал од 2013 година.

Во фиксната телефонија најголем дел од повиците се во сопствената мрежа и изнесуваат по 67 минути. Сообраќајот кон останатите фиксни мрежи е значително помал, 28,98 минути, а кон мобилните мрежи и кон мрежите во странство по 7 минути, односно 2,91 минута. 

И во мобилната телефонија најчесто се остваруваат повици во сопствена мрежа, 147 минути во просек. Кон останатите мобилни мрежи во анализираниот период  во просек се зборувало по  27 минути, а кон фиксните мрежи и кон странските мрежи  по 3,70 минути, односно 0,97 минути.

Помалку претплатници во мобилната телефонија

Бројот на активни претплатници во мобилната телефонија на крајот на 2013 година изнесувал 2.237.250. Оваа бројка е за 1,72 проценти пониска во однос на 2012 година. Во четвриот квартал лани се испратени 91.609.749 СМС пораки и 232.522 ММС пораки. Вкупно е реализиран сообраќај од 1.206434.555 минути.  

Поголемиот  дел од резиденцијалните претплатници користат при-пеид услуги наспроти користењето пост-пеид услуги. Бројот на пост-пеид претплатници  е во пораст и тоа резиденцијалните бележат раст од 3,31 процент од претходниот квартал,  додека во однос на истиот квартал од претходната година се забалежува раст од 6,45 проценти. Деловните бележат раст од 1,25 проценти во однос на претходниот квартал, додека во споредба со 4 квартал од 2012 има раст од 1,23 проценти.

47,54% од вкупниот број претплатници се на Т-Мобиле, ОНЕ учествува со 23,60 проценти, а ВИП со 28,08 проценти. Виртуелниот мобилен оператор, кој почна со работа во четвриот квартал лани Албафоне е со пазарен удел од 0,78 проценти. 

Од вкупно реализираниот сообраќај во четвртиот квартал од 2013 година може да се забалежи раст во однос на претходниот квартал на сообраќајот во сопствена мрежа и кон други мобилни мрежи, а има пад кај сообраќајот кон фиксните и странските мрежи. Кај сообраќајот остварен од претплатници на домашен оператор кои роамирале надвор од државата во четвртиот квартал од 2013 година е евидентиран пад од 47,01 процент во однос на третиот квартал од 2013.

Постојан пад на бројот на фиксни линии

На крајот на четвртиот квартал лани имало 396.523 фиксни телефонски линии. Oваа бројка е за 2,89 проценти помалку од крајот на 2012 кога имало 408.318 линии. Од 48 нотифицирани субјекти во АЕК, во четвртиот квартал  услуги нуделе 39 субјекти. Бројот на фиксни линии според популација 100 постојано се намалува од четвртиот квартал во 2012 кога изнесува 19,82 проценти, до истиот квартал од наредната гоидна кога вредноста опаѓа до 19,22 проценти

Реализиран е телефонски сообраќај од  вкупно 127.672.111 минути. Целокупниот обем на сообраќајот во четвртиот квартал од 2013 бележи опаѓање вооднос на претходната година, и покрај тоа што на пазарот понудата се зголемува односно работат повеќе оператори кои нудат различни услуги до крајните корисници целокупниот обем на сообраќајот во четвртиот квартал од 2013 во однос на истиот од претходната година бележи  опаѓање за 21,34 проценти.

Македонски телеком во вкупниот број учествува со 62,65 проценти, додека од алтернативните оператори, даватели на услуги, најголемо учество има ОНЕ оператор со 16 проценти. Зад ОНЕ се Близу (10,33 проценти), Аикол (5,60 проценти) и Неотел (3,99 проценти).

 

12.06.2014 - 09:27
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега