Одбиен предлог-законот за истополови бракови во Романија
Романскиот Парламент денеска го отфрли предлог-законот, што на лицата од ист пол требаше да им овозможи склучување граѓанско партнерство, јавија романските медиуми.
Домот на пратенциите, што го има решавачкиот збор за нормативните акти, со 289 гласа го отфрли предлог-законот, што беше поддржан од четворица народни претставници, додека тројца се воздржаа од гласање.
Правната комисија на Домот на пратеници овој предлог-закон го отфрли уште на 5 март, поради „религиозни и социјални причини“.
Предлог-законот беше поднесен од пратеникот од Партијата на зелените, Ремус Черња, кој граѓанското партнерство го оцени како „договор, склучен без каква и да е дискриминација меѓу две лица, кои решаваат да живеат заедно врз основа на приврзаност, почитување и взаемна поддршка и на еднаквост на правата“.
Во расправата во март Черња потсети дека 17 држави од ЕУ на хомосексуалните двојки им дозволуваат да ја официјализираат својата врска и изјави дека неговиот законски предлог ќе го уреди законодавниот вакуум.
За да ги убеди своите колеги Черња прочита цитат од Библијата, според кој „ако нема љубов, нема ништо“, но и противниците на предлогот, исто така цитираа делови од Стариот завет за да ги отфрлат аргументите на Черња.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа