Францускиот Претседател Оланд му го честиташе реизборот на Иванов

 

Францускиот претседател Франсоа Оланд упати честитка по повод инаугурацијата и реизборот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Како што соопшти денеска кабинетот на македонскиот претседател, Оланд во честитката му посакува успех на Иванов во извршувањето на највисоката функција во Република Македонија во интерес на земјата и нејзината европска перспектива.

- Бидете убеден дека Франција е на ваша страна за да ви помогне во таа задача. Сакам да ви ја потврдам и мојата желба за продолжување на продлабочувањето на пријателските односи кои ги поврзуваат нашите земји, во духот на дијалогот кој го отпочнавме минатато лето во Брдо, се вели во честитката на францускиот претседател Оланд.

Во рамки на состанокот во Брдо кај Крањ, одржан пред неполна година, претседателот Иванов имаше билатерална средба со францускиот претседател Франсоа Оланд. Францускиот претседател тогаш изјави дека Франција сака да помогне да се изнајде решение за проблемот меѓу Македонија и Грција, имајќи ги предвид добрите односи кои ги има со Грција.

- Факт е дека дојде до застој во решавањето на овој проблем. Факт е и тоа дека ние не можеме овој проблем само да го оставиме да постои. Мора да направиме нешто во врска со тоа прашање. Поради тоа Франција сака да го искористи влијанието кое го има за да се обидеме да изнајдеме решение бидејќи ова прашање навистина беше премногу комплицирано, премногу долго трае, изјави францускиот претседател Франсоа Оланд на одржаната прес-конференција по пленарната сесија на состанокот во Брдо кај Крањ.

Претседателот Оланд ја нагласи поддршката која Франција ја дава и ќе продолжи да ја дава на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ

11.06.2014 - 12:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега