Ставрески: Добри економски политики за раст на домашните компании

Поддршката за домашните фирми ќе продолжи и во наредниот период, пари во буџетот доволно има, економскиот раст е остварлив, а инвестициите и капиталните проекти ќе ја водат економијата напред. Ова во интервју за МРТ го изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. 

- „Ако сакаат да отворат ново работно место за лица што се помлади- ќе добијат ослободување од придонесите, ако го задржат уште 12 месеци. Ако сакаат кредит, ќе добијат нови 100 милиони евра по каматна стапка од 5,5 проценти што е субвенционирана од буџетот. Ако сакаат да инвестираат има и други продукти во Македонската банка за поддршка на развојот, кои ќе им помогнат да инвестираат во машини, опрема и слични, и да извезуваат. Најнизок данок во Европа ќе плаќаат и понатака. Добивката ќе биде ослободена од оданочување“, изјави Ставрески.

СТаврески најави и богат спектар на мерки кој понатаму ќе се доградува согласно дијалогот со бизнисзаедницата.

„Согласно динамиката која е најавена во програмата ќе течат сите мерки коишто се предвидени. Значи на почетокот се оние кои ги најавивме, а тоа ќе биде отписот на долгови, даночните ослободувања и она што е предвидено во програмата да се реализира во текот на оваа година. Меѓутоа, ќе работиме и работиме веќе на сите други мерки – се што е зацртано во програмата мора целосно да се исполни“, нагласи Ставрески.

Растот на економијата и отворањето нови работни места остануваат во фокус на новата Влада. Ставрески тврди растот ќе го движат новите инвестиции, и домашни и странски.

„Токму затоа и кадровски се зајакнува Владата во тој дел, преку поголем број министри коишто ќе бидат директно одговорни за носење на странски инвестиции и со продолжување на добрите политики што ги имавме и досега“, вели Ставрески и додава дека ако претходно се отвориле 119.000 работни места со помош на приватниот сектор, нема причина да не веруваме дека и сега е возможно да се отворат 64.000 работни места.

Ставрески уверува дека буџетот е добро проектиран и дека средства има за сите мерки, може да ги издржи сите зголемувања, а воедно да обезбеди и поддршка за фирмите, но и да обезбеди должничка стабилност на земјата.

„Јавноста знае дека ние програмата ја правиме на еден начин што е многу аналитички со точни пресметки што можеме да направиме. Мериме, проценуваме, пресметуваме пред да ветиме“, истакна Ставрески во интервјуто за МРТ.

10.06.2014 - 09:29
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега