Лекарите ќе учат како да соопштат лоша вест на пациентите

Министерството за здравство од среда во Скопје ќе почне со спроведување едукации на здравствените работници од јавните здравствени установи за унапредување на хоспиталната култура.

- Се работи за организирани обуки за здравствените работници во јавните здравствени установи, кои го опфаќаат постојно вработениот, нововработениот медицински и административно-технички персонал. Обуките се спроведуваат согласно Протоколот за хоспитална култура, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров и појасни дека едукациите ќе почнат со тридневна обука на шест групи од здравствени работници, три групи на постојно вработени и три групи на нововработени здравствени работници со по 50 учесници или околу 300 учесници. Ќе бидат опфатени вработените од универзитетските клиники во Скопје, Здравствен дом-Скопје, ГОБ „8 Септември“ и други здравствени установи.

Во текот на едукациите за хоспитална култура, особено внимание ќе посветиме на аспектите на ефективна комуникација, развивање комуникациски вештини и идентификување на потребите на пациентите, како и техники за совладување на комуникациските бариери. Предвидени се и предавања кои се фокусираат на аспектот на емпатија во односите со пациентите и нивните блиски, градење односи на меѓусебна доверба и разбирање, значењето на невербалната комуникација и нејзино усогласување со вербалната комуникација, а воедно и целокупна примена на етичкиот кодекс на однесување во комуникацијата со пациентите, потенцира Тодоров.

Министерот за здравство истакна дека предвидуваат имплементација на концептот пациент-центрична здравствена установа кој, како што рече, опфаќа редовни средби на менаџментот на установите со претставници на пациентите и нивните семејства, како и поставување на пациентот во центарот на сите процеси во здравствените  установи.

09.06.2014 - 16:20
Фото: 
канал5
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега