Угледен чешки магазин објави интервју со охридскиот градоначалник Бакрачески
Најпознатиот чешки туристички магазин „Травел Трејд Газете“ објави опширно интервју со градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески насловено како „Ние имаме многу заедничко со Чесите“, пренесува Охрид1.ком.
Во интервјуто, градоначалникот Бакрачески објаснува кои се стратешките планови на Охрид во туристичката индустрија, пред се’ појаснувајќи дека напорите во моментов се насочени кон тоа да се најде инвеститор за изградба на ски- центар на Галичица, потенцирајќи дека се работи за уникатна локација од која се гледаат двете езера Охридското и Преспанското. Бакрачески пред чешката читателска публика зборува и за тоа дека Охрид е веќе познат како дестинација за конгресен туризам, но дека напорите во моментов се насочени кон градење имиџ и создавање услови за развој на спортскиот туризам, спомнувјќи го привршувањето на подготовките за градба на Олиписки базен во Охрид, како и условите кои ги има градот за подготовки и тренинзи од другите спортови. Бакрачески во интервјуто зборува и за новата марина која е предуслов за елитен туризам, и тоа дека Охрид сега има туристи преку целата година.
Понатаму во разговорот Бакрачески кажува дека најчести гости во Охрид се посетителите од земјите на Бенелукс.
- Инаку, субвенциите може да ги користат сите туристички агенции кои носат посетителите Македонија . Минатата година, повеќето туристи кои ја посетија Македонија беа од Холандија, Белгија и Турција и соседните земји како што се: Србија, Бугарија, Грција и Албанија. Интересно е да се напомене дека бројот на странски туристи го надминува бројот на домашни посетители, потенцирал Бакрачески.
Бакрачески презентирајќи го наследството и духот на градот се осврнува и на Светиклиментовиот универзитет , во кој се описмениле 3500 ученици и притоа потенцирајќи дека тој е постар и од универзитетот во Болоња.
-Охридското Езеро е едно од трите најстари и најдлабоки езера во светот. Тоа претставува најголем резервоар на чиста и бистра вода за пиење во Европа. Езерото изобилува со необична ендемична флора и фауна, која вклучува видови кои единствено опстојуваат и живеат во него . Заедно со планината Галичица, која го одделува од Преспанското Езеро, е регион со биолошка разновидност, вели градоначалникот на Охрид, зборувајќи за уникатноста на природата во и околу Охрид.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа