Сафет Бишевац: Груевски го чека жешка политичка есен

Сафет Бишевац е еден од 34-те потенцијални пратеници на опозицијата, кои доколку Собранието им ги верификува оставките на избраните парламентарци, ќе го добие мандатот за влез во парламентот. Бишевац, кој е поранешен новинар на А1 и кој за себе вели дека никогаш повеќе нема да се занимава со новинартсво, откако влезе во политиката, ќе го врати мандатот во Собранието.

- Ниту СДСМ, ниту коалициските партнери веќе не се подготвени да легализираат систем , во кој волјата на премиерот и на неговиот коалициски партнер Али Ахмети и врхушките околу нив се поважна од правото. Право на опозицијата е да одбие да легализира избори, на кои ниту,вишок катови и влезови во зграда среде Скопје не е доказ дека власта краде гласови, вели Бишевац во интервјуто за Прес24.

Чекорот пак дел од поранешните пратеници да го искористат правото на апанажа од Парламентот не го гледа како парадокс, туку како егзинстенцијално прашње на тие луѓе.

Екс пратеникот, кој постојано ја обвинува власта дека ја урива демократијата и слободата на медиумите, вели дека одлуката на СДСМ за бојкот на Парламентот е вистинска и доколку опозицијата истрае на нејзе тоа ќе било во корист на иднината.

- Да не се лажеме, се додека Груевски и Ахмети ги организираат  изборите, тие не можат да бидат фер и демократски. Така се однесува секој режим, власта на Груевски и Ахмети е токму тоа, вели Бишевац во Интервјуто за Прес24.

Бишевац света дека на Македонија и претстои жешка политичка есен на домашен и меѓународен план.

- Неприфакањето на мандатите по вакви избори, во еден дел секако беше и порака до меѓународната заедница, која за воља на вистината има и одредена заслуга за дел од состојбите во државата. Но суштината на одлуката на СДСМ според мене беше порака до Груевски и ВМРО ДПМНЕ, вели во интервјуто за Прес 24, Сафет Бишевац.

ПРЕС24: Откако и официјално избраните пратеници од опозицијата поднесоа оставки во Парламентот, следната процедура по усвојувањето на оставките од Собранието, ќе следува постапка на доделување на мандатите на следните од опозициската листа од страна на ДИК. Вие сте дел од таа листа и Ви следува мандат. Ќе го прифатите мандатот за пратеник во Собранието или ќе се придружите на групата пратеници кои ќе поднесат оставки?

БИШЕВАЦ: Не , не ми треба таков пратенички мандат. Во овој момент, битката против владеачкиот режим  е многу поважна од која било лична позиција или функција..Ни претстои голема битка за враќање на слободата во Македонија. Без неа, не е можно решавање на ниту еден од проблемите со кои се соочува земјата, а ги има толку многу , што во прашање, за жал се доведува и иднината на државата...

ПРЕС24:  Колку овој чекор е вистински? Дали таа одлука е резултат и Вашата лична воља?

БИШЕВАЦ: Очигледната нервоза, која Груевски веќе не може да ја скрие е еден од аргументите кои одат во прилог на одлуката на опозицијата. Ниту СДСМ, ниту коалициските партнери веќе не се подготвени да легализираат систем , во кој вољата на премиерот и на неговиот коалициски партнер Али Ахмети и врхушките околу нив се поважна од правото. Право на опозицијата е да одбие да легализира избори, на кои ниту,вишок катови и влезови во зграда среде Скопје не е доказ дека власта краде гласови. Делот од прашањето, дали одлуката е резултат на лична воља, за вас новинарски можеби е нормално, но ќе ми дозволите да го сметам за   навредливо. Ако нешто не сакам, или ако сакате не почитувам, тоа се луѓе кои за ,,сопствено мислење,, или одлука мораат да одат во партискиот центар за комуникации на Илија Димовски ,  или министерските кабинети. Тие, што не го вклучуваат својот, туку размислуваат со мозокот на оние на кои им служат не се достојни за почитување.

ПРЕС24: Паралелно со повлекувањето од Парламентот на сегашните избрани пратеници, тие, но и претходните парламентарци, кои беа дел од опозицискиот блок на СДСМ, Вие исто така, се одлучија да побараат и да ја искористат апанажата која законски им следува. Во целата оваа ситуација, не е ли ова малку повеќе од парадоксално?

БИШЕВАЦ: За вакви работи ви зборував предмалку. По ,,коската,, што ја фрли премиерот Никола Груевски, сите владини медиуми тргнаа да  ја ,,докажат,, нечесноста на пратениците на СДСМ. Нема ,,ситуација,, за која зборувате, има закон. Според тој закон, на пратениците на кои им престанал мандатот, државата им гарантира плата за период од најмногу една година. Тоа, сметала државата е разумен рок во кој тие треба да најдат друга работа. Ниту еден од владините медиуми не објавија дека дел од пратениците, наместо апанажа, одбраа да се вратат на старите работни места. Оние кои имаат каде да се вратат. На пример јас, не можам да се вратам во А1. Можеби сте заборавиле, пред 3 години оваа гарнитура на власта , ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ја затемнија светлината на демократијата и поинаквото мислење кое доаѓаше од тогаш најгледаната и највлијателната телевизија.Зар заборавивте, дека за да ја затворат А1 направија се да го уништат семејството на Велија Рамковски. Затоа, премиерот Груевски, е последниот кој може во име на партијата ВМРО ДПМНЕ даја доведува во прашање чесноста на опозициските пратеници. Е тоа е парадокс, со прст покажува партија која крие имот, деловен простор, чии пратеници и функционери ги кријат становите и имотот..

ПРЕС24:Она што СДСМ го очекуваше со ваквата одлука, веројатно меѓународен притисок врз власта, засега нема резултат. Напротив притисокот од меѓународната заедница сега се очекува да се сврти кон СДСМ, бидјеќи јасен е ставот на Брисел и Вашингтон. Таков метод, бојкот и вонинституциуонално дејствување на партиите за нив е неприфатлив?

БИШЕВАЦ: Неприфакањето на мандатите по вакви избори, во еден дел секако беше и порака до меѓународната заедница, која за воља на вистината има и одредена заслуга за дел од состојбите во државата. Но суштината на одлуката на СДСМ според мене беше порака до Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Незаслужено, по сето што се случи на 24 декември 2012 година, Груевски и добиоја шанса за поправен и да организираат фер и демократски избори. Тие таа шанса не ја искористија, свесни дека на такви избори резултатот би бил поинаков. Второ, зар вас ве чуди ставот на Брисел и Вашингтон, кога па тие биле за ,,вонинституционално делување,,.  Тој, како што велите притисок, значи не е ништо ново.  Што пак не значи дека не се согласуваат со оценките на опозицијата за изборите. Извештајот на ОБСЕ, ви е најдобар доказ тоа. Всушност, прашањето треба да биде, дали и колку Брисел и Вашингтон ги притискаат Груевски и ДУИ, бидејќи како власт се директно одговорни за состојбата во држава, во која и тие велат дека правдата е селективна, дека има системска корупција и во која застрашувачки е падот на медиумските слободи

ПРЕС24:Која беше целта на одлуката за напуштање на Парламентот?

БИШЕВАЦ: Македонија и нејзините граѓани заслужуваат слободни фер и демокртаски избори. Власта предводена од Груевски ниту има демократски капацитет, ниту сака такви избори, кои ако ништо друго би биле неизвесни. Ние сме дел од Европа и оценката дека изборите биле мирни и ефективни на денот на гласањето, е негативна оценка, која за жал се повторува. Опозицијата нема намера, ниту треба, да легализира такви избори, со присуство во парламентот. Користејќи ги сите дозволени средства, таа мора да се бори за промена на политичката клима во државата. Тоа ќе се прави со директна комуникација со граѓаните во секое село и во секој град во државата. Се додека граѓаните не бидат убедени дека има луѓе во државата, има политичка партија, кои знаат и можат да работат поинаку,  за подобра иднина на сите.

ПРЕС24:  Ако се анализираат ставовите на владеачката коалиција, тогаш е сосема извесно дека власта нема да потклекне на притисок. Се поизвесно е дека наесен ќе има избори, но не со техничка влада како што посекува Заев, туку избори за 34 изпразнети места. Што е следно? Које следниот одговор на опозицијата?

БИШЕВАЦ: Пак зборувате за формата, не за суштината на тој чекор. Да се повлечеше СДСМ, да речеме напладне обвинувањата ќе беа исти, СДСМ се исплаши, знаеше какви ќе бидат резултатите и затоа избегаа од мегданот. Би можел да се согласам со оние кои беа за опцијата да не се оди на избори, се додека, Груевски и ВМРО ДПМНЕ на пример, не ги изградеа виртуелните станови на исто таквите катови и влезови во зградата во Кисела Вода, која ја пронајдоа од ,,Цивил,,. Да не се лажеме, се додека Груевски и Ахмети ги организираат  изборите, тие не можат да бидат фер и демократски. Така се однесува секој режим, власта на Груевски и Ахмети е токму тоа. Слободни и фер нема да бидат ниту тие дополнителни избори. На нив најверојатно нема да учествува ниту ВМРО ДПМНЕ, но Груевски веќе се знае ќе си избере ,,опозиција,, по свој терк. Ќе ги пушти своите гласачи кои ги има под апсолутна контрола  да гласаат за кандидати на помалите коалициски партнери, или  формално ,,независни,, кандидати. Прашање е само како ќе се однесува ДУИ ако, да речеме ДПА, излезе со свои кандидати.. Едно е сигурно, Груевски го чека жешка политичка есен. И на домашен, но и надворешен план. Избори, самит на НАТО на кој повторно ќе останема без членство, па дури е можно иако е многу малку веројатно да останеме и без препораката за старт на преговори за членство во ЕУ.

ПРЕС24: Опцијата на улична демократија веројатно ќе биде поразена уште на стартот, слично како отпорот на Црвенковски. Се поизвесни се анализите дека на овој начин СДСМ е поблиску до колапсмотколку до можноста по 4 години вонпарламентарно дејствување да победи на избори?

БИШЕВАЦ: Секој кој помисли дека протестите или  уличната демократија, како ги нарековте протестите по црниот понеделник на 24 декември, ќе завршат работа за два три месеци, не ги разбира работите. Кога режимите би паѓале така лесно, светот би бил многу поубаво место за живеење. Таквите промени обично траат со години, сетете се само на примерот кај северниот сосед , Србија. Години и требаа на српската опозиција, со помош од страна, да го урне Слобо. Милоевиќ  беше симнат од власта затоа што ги загуби војните за голема Србија, а бедата и сиромаштијата со која ги платија тие војни, опозицијата потоа ги искористи како оружје против власта. Секоја сличност, со Македонија е намерна , и може да биде поучна.

ПРЕС24: Бишевац, претпоставувам дека ќе се догласите дека несериозност на овој чекорот, а со тоа и признание дека оваа одлука е ад-хок, без идеја, му дава и моментот што Зоран Заев ја соопшти минута по 19 часот. Зошто ако СДСМ имаше аргументи за некакви нерегуларности, или за некаква системска кражба на гласови, оваа одлука не ја донесе пред парламентарните избори, односно по првиот круг од претседателските избори?

БИШЕВАЦ: Воопшто не мислам дека одликата е несериозен чекор. Тој напротив е краен можен потег, кога стана очигледно дека сите договори, Груевски и неговата братија ги сметаат само за ,,палома хартија,, .

СДСМ во таа битка за враќање на слободата и демократијата во државата, не смее да си дозволи луксуз да не издржи. Не е во прашање иднината на партијата, туку иднината на државата, иднината на нашите деца. СДСМ го покажал својот државотворен капацитет во најтешките моменти децениите на сувереност и независност. Знам, дека и сега ќе биде така. Нема да биде лесно, има голема опасност од маргинализација на партијата, пред се мислам на медиумската. Но на мака се познаваат јунаците. Во таа битка СДСМ ќе покаже вреди ли или не, ќе остане ли сериозна партија или ќе се претвори во маргинализирана политичка опција, по примерот на ПАСОК во Грција..

ПРЕС24:  Со повлекување пред вториот круг, ефектот ќе беше многу поголем. Ако не друго Македонија ќе имаше поголема политичка криза. Ќе пропаднеа претседателските избори. Вака СДСМ и опозицијата, сакале да признаат, или не, му даде легитимитет на Иванов со тоа што го постигна уставниот цензус за избор на Претседател?

БИШЕВАЦ: Тоа ви е најдобриот доказ дека одлуката за неприфаќање на мандатите не е одлука со која треба да и се наштети на државата. Гуевски и ВМРО ДПМНЕ, но и Ахмети и ДУИ, сега имаат проблем. Им претстојат 4 години во кои опозицијата нема да можат да ја обвинат за проблемите со кои ќе се соочи власта. Не, дефинитивно на Груевски и Ахмети веќе ништо не им стои на патот. Нека покажат во наредните 4 години дека Макеоднија не е земја од која бега секој што може, бидејќи одбива да работи ропски за 8-10 илјади денари месечно во десетиците странски компании кои дојдоа, користејќи ја најевтината работна сила во Европа, и државните субвенции.  Имаат цист и бришан простор, нека не се грижат за судбината на опозицијата. Ако таа не вреди, и нека пропадне.

ПРЕС24: Многу од тезите на Заев и на СДСМ се конфузни. На последниот ден од изборната кампања, СДСМ тврдеше дека ќе побдеди, иако разликата од првиот круг јасно го покажуваше расположението на гласачите. Која е политичката логика, да ги признаете првиот круг од изборите, а да го негирате вториот? Не е белким дека само во вториот изборен круг била фалсификувана вољата на гласачите?

БИШЕВАЦ: И вториот изборен круг беше ,,чесен ,, колку и првиот. Не е суштината во тоа. Ви реков, можам да имам разбирање за ставот,  опозицијата воопшто да не излезе на избори, без да биде спроведен пописот, за  поштено да можеме да се преброиме, без да има толку фантомски гласачи во исто такви згради и влезови , со ист пристап на власта и опозицијата на МТВ. Приватните телевизии,СИТЕЛ, АЛФА И КАНАЛ 5, се приказна за себе, за жал, многу луѓе кои работат таму еден ден ќе се срамат пред своите деца, за она што го правеа. Разбирам дека тоа е политика на нивните газди, но доброволното ропско слугување не го разбирам. Тоа беше се, само не професионално покривање на изборната кампања и политичката понуда. Тие помогнаа за победата на ВМРО ДПМНЕ на избори и кога 90 насто од луѓето со кои разговарате велат, ако е и од ВМРО многу е, претераа, забегаа, глава не можеме да кренеме. Сега е очигледно, за секој што сака да види.

ПРЕС24: Оваа оценка на СДСМ дека власта ги краде изборите не е од сега. Тоа е констатација во континуитет веќе седум години. Пред само една година во Македонија имаше локални избори на кои СДСМ и опозицијата освоија 4 општини. Оценката на ОБСЕ и ОДХР беше речиси идентична, можеби и дури за овие избори таа оценка имаше повеќе позитивни елементи од локалните. Моето прашање се надоврзува на она што го заговараат дел од аналитичарите, Вие ќе речете претпоставувам провладини, но сепак легитимно е прашањето. Зошто СДСМ и Зоран Заев, кога веќе одлучија да го бојкотираат Парламентот, не се повлечат и од локалната власт. Онаму каде што ја имаат. Зошто Зев не поденес оставка на градоначалничката функција во СДСМ?

БИШЕВАЦ: Не е така. Оценките за изборите никогаш досега не биле  полоши. Што е уште пострашно, потврдувате дека такви забелешки траат со години, се повторуваат на секои избори. Во ниту еден од тие извештаи нема оценка дека изборите биле фер и демократски. Кажете еден. Додуша, провладините, или многу поточно кажана владините медиуми упорно тврдеа дека изборите биле фер и демократски. ОБСЕ за првапт не почести со спомнување на улогата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска. Јас секако не сум вистинската адреса за делот на опрашањето за лидерот на СДСМ и одлуката да ја задрзи градонацалниццката функција во Струмица.

ПРЕС24: Од се ова веројатно штета ќе има само државата. Можно ли е губење на препораката од Европската Комисија?

БИШЕВАЦ: Интересно, никој не зборува за штетата што на државата и ја прави владеачката гарнитура предводена од Груевски и Ахмети. За владините медиуми воопшто не е штетна оваа отворена диктатура, не е штета по државата што нема слобода, што има рекордна сиромашија, што младите бегаат, што нема правда, со огромна корупција.. За режимските медиуми испѓа дека власта е безгрешна,таа според вас може да прави, бидејќи нели победила на избори, без разлика колку се чесни и фер. Сепак, префрлањето на одговорноста врз опозицијата може да му помине на Груевски на краток рок и само кај домашната јавност. Но многу бргу, вината сите ќе ја бараат на единствената вистинска адреса, на Илинденска бб.

Што се однесува до препораката, односно одземањето мислам дека се многу мали шансите за тоа. Брисел е рационален. Одземањето на препораката ќе значи враќање цела деценија назад и тотална неизвесност за иднината на дравата. Таква одлука ќе отвори многу прашања кои сега се буткаат под тепих, пред се односите меѓу двете најбројни етнички заедници, Македонците и Албанците. Едно е сигурно, тоа ќе значи дека Макеоднија нема да биде држава каква што е сега. А тоа не е целта на Брисел и Вашингтон кои во Македонија вложија милијарди евра и долари.

ПРЕС24: Опзицијата ќе рече за тоа е виновна власта, но реално СДСМ не може да се амнестира од еден таков расплет на настаните?

БИШЕВАЦ: Тоа што власта уште отсега го подготвува теренот и вината ја префрла на опозицијата која наводно не е кооперативна и не води сметка за државата, е всушност е нашата трагедија. Правосудството, медиумите, корупцијата не се резултат на однесуванјето на опозицијата. Тие се дел од т.н. политички критериуми од Копенхаген- наместо реформите да се интензивираат ние се враќаме назад. Срамно е, и само во режими каков што е нашиот сериозно обвинување против Груевски за скандалот  ,,македонска банка,, да не биде расцистено за една недела.. Груевски итно требаше да нараца експертиза на доказите понудени од опозицијата и работата ќе бесе завршена. Ако е монтажа тоа ќе бешее политички крај за Зоран Заев. Но, тој одбра да се  брани речиси цел месец само со партиски соопштенија од центарот за комникации на Илија Димовски. Тактиката секое чудо за три дена, а потоа преку партиското судтво да се наплати ,,душевната болка ,, е стара тактика на Груевски.

ПРЕС24:  Многумина од аналитичарите, но и диплометите, сметаат дека за да се победи Груевски потребно е многу повеќе од празната ретотрика на СДСМ. Не мислите ли дека опозицијата во Македонија е заробеник на оваа реторика, која очигледно е дека не дава резултати?

БИШЕВАЦ: Не ве разбирам, за каква празна реторика зборувате.. или ако  така рекол Груевски, мора да е така.. но вистината е сосем поинаква. СДСМ, за овие избори имаше програма, тврдам многу добра,  не сум убеден дека добро ја продаде во јавноста, но да бидеме чесни, немаше ниту вистинска шанса во мејнстрим медиумите. Црната кампанја против СДСМ, оркестрирана од еден центар, очигледно сеуште пали кај овој народ, особено во руралните средини.

ПРЕС24: Ако граѓаните во Македонија веќе осум години на избори не гласаат против, како  тоа го очекува СДСМ, како да се натераат да гласаат ЗА, но во корист на опозицијата?

БИШЕВАЦ: Со многу работа на терен, во секој дом до секој човек, тешко но не и невозмозно.

ПРЕС24: Роза Топузовска Каревска засега е единствената опозиционерка која се изјасни против потегот на бојкот и ќе остане во Парламентот. Очекувата и други од листата да ја  следат?

БИШЕВАЦ: Не, не очекувам, особено не од кандидатите кои се партиски кадри на СДСМ.

ПРЕС24: Размислувате да се вратите во Новинарствот?

 

БИШЕВАЦ: Не. Со тоа рас.истив кога решив да влезам во политика.. Вракање нема, но има борба, и тоа катадневна за вракање на достоинството на професијата која во моментот е на срамно ниски гранки.. Она што е трагично, мнозинството новинари ја прифакаат позицијата на ропска зависност и одбраа да бидат обични слепи извршувачи на нечија политичка волја. Секој всушност сам си го одредува местото во историјата, која  знае да биде праведна, но и многу сурова.

09.06.2014 - 11:18
Фото: 
Република
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега