Собрани 12.000 потписи за ослободување на Македонецот Сашо Богески
Повеќе од 12,000 потписи беа собрани за само 24 часа за поддршка во која се бара слобода за Сашо Богески, човекот кој минатиот вторник во Белград уби провалник со цел да го одбрани своето семејство. На Сашо му е одреден притвор од 30 дена. Убиениот криминалец има досие и се теретел за 50 криминални работи од кои во најголем дел биле кражби.
Граѓаните организирано, преку социјалните мрежи ја покренаа петицијата, а најавени се и мирни протести ширум Србија, со цел на семејството Богески да им се пружи целосната поддршка и да се влијае на промената на законите.
„Според нашите закони, самоодбраната во Србија многу тешко може да се докаже. Затоа мора да се организираме и да му дадеме поддршка на овој човек. Потпишете ја оваа петиција како знак на ваша согласност дека овој човек мора да биде пуштен од притвор и да не му се суди за класично убиство. Не дозволувајте овој човек да заврши во затвор“, се наведува на сајтот www.peticije24.com, каде за помалку од 24 часа повеќе од 12.000 луѓе го ставиле својот потпис.
„Навистина, во целата оваа несреќна ситуација, многу сум охрабрена и благословена од поддршката на огромен број луѓе од нашата земја, како и луѓе ширум светот кои не викаат, испраќаат пораки, потпишуваат петиција и не храбрат со нивната љубов и грижа. Многу сум им благодарна на нашите сограѓани што се обединети и сакаат Саш да биде ослободен и да ни се врати дома, да го продолжиме животот како семејство“, вели за „Блиц“, сопругата на Сашо, Ира Аријати Богеска.
Како што пренесуваат српските медиуми Сашо и понатаму е во лоша состојба, поголемиот дел од времето го поминува плачејќи и во молитва, а додека е во притвор побарал да му ја донесат Библијата.