Тежок инцидент во скопски Бутел

Тежок инцидент се случи на вчерашниот полуфинален натпревар меѓу екипите на Шкупи и КК Вардар кој се играше во салата „Антон Димитров“ во Бутел во рамките на Фајнлфор завршницата од домашниот шампионат за кошаркари до 20 години, во кој беа нападнати младите кошаркари на Вардар, судиите но и претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Даниел Димевски.

Веднаш по крајот на мечот кој заврши со тесна победа на Вардар од 59-58, незадоволни од таквите случувања, како што не информираа од Вардар, од страна на противничките кошаркари биле нападните младите „вардарци“. Веднаш потоа нервозата продолжила и кај навивачите на Шкупи од каде летале камење кон играчите на КК Вардар. Во целокупниот хаос настрадале и судиите, а со парче бетон бил погоден и претседателот на МКФ, Даниел Димевски.

„Натпреварот беше во рамките на коректноста без апсолутно никакви провокации од нашите кошаркари. Во третата четвртина поради удар со глава врз наш играч беше исклучен противнички кошаркар, и главно тоа беше се од тензија за време на мечот. Но, противничкиот тренер веднаш по крајот на средбата почна нервозно да реагира, на некој начин давајќи им насоки на неговите кошаркари за провокации кон нашите. Од страна на кошаркар на Шкупи најпрво беше удрен еден наш кошаркар, а потоа од нивна страна се стрча целокупниот тим и маваа по нашите момчиња со клоци, боксови, а дополнително бевме нападнати со камења и парчиња бетон“ – вели за ЕКИПА, тренерот на КК Вардар, Владимир Мирковски, кој дополнува дека се среќа по интервенцијата на полицијата бил спречен и поголем инцидент.

„Во тој инцидент, беа нападните и судиите, а со парче бетон во грбот беше погоден и претседателот Димевски, кој за време на целиот инцидент истакнуваше стравување единствено да не настрада некој од младите кошаркари на Вардар. Цел час и половина бевме чувани од страна на полицијата во салата, по што потоа со нивна придружба заминавме. Среќна околност е што нема посериозно повредени кај нашите кошаркари, и покрај тоа што има кај некои играчи последици од физичкиот контакт“ – дополнува Мирковски.

Околу целиот овој инцидент дополнително ќе се произнесе и МКФ, а сосема јасно ќе биде покренета и дисциплинска постапка против учесниците во инцидентот, посебно што во целиот тој случај е нападнат и претседателот на МКФ.

 

Токму поради вчерашниот инцидент не се одигра и за денеска првично предвиденото финале од Фајнлфор завршницата меѓу Вардар и Карпош Соколи кој во полуфиналето славеше со 65-59 против МЗТ Скопје. Финалето, токму поради инцидентот, ќе се одигра утре од 19:30 часот, но во салата во Градски парк

08.06.2014 - 21:43
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега