Анимацијата „Снег“ и играниот „Дом“ во Кинотека на Македонија

Циклусот „Модерен словачки филм“ продолжува со вечерашната проекција на анимираниот филм „Снег“ и играниот „Дом“ Кинотека на Македонија.

„Снег“ во режија на Ивана Шебестова е краток филм за жената што ја чека својата љубов, за мажот кој во далечните земји ја бара совршената снегулка, кој ги открива и ги стопува соништата...

Во „Дом“, пак, режисерката Зузана Лиова раскажува интимна драма за врската меѓу татко и ќерка и за средбата на различни генерации. Имрих го остварува својот животен сон – гради куќа за својата помлада ќерка Ева и верува дека на тој начин засекогаш ќе ги зацврсти семејните врски. Ева, убава девојка на прагот на зрелоста, сонува после матурата да го напушти „ропството на совршениот дом“ и словачкото малограѓанство, заминувајќи да го запознае светот. Таткото и ќерката мора да одлучат во каква насока ќе се движат нивните животи.

Утре во Кинотека на Македонија може да ја погледнете анимацијата „Прашина и сјај“ на Михаела Чопикова и Вероника Обертова, како и играниот „Чудо“ во режија на Јурај Леготски, а вторникот е резервиран за „Близнаци“ на Петер Будински и „Моето куче килер“ на Мира Форнеј.

Циклусот завршува во среда кога ќе бидат прикажани анимираниот „Последниот автобус“ на Мартин Снопек и Ивана Лаучикова, и „Како се готви историјатa“ од Петер Керекес.

Изминатите четири дена во Кинотеката се прикажуваа „Во коцка“, „Кандидат“, „Фонгополис“, „Дури до градот Аш“, „Камења“, „Слепи љубови“, „Четири“, „Месечина“ и „Осадне“.

08.06.2014 - 11:17
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа