ВИДЕО: Погледнете колку дрога заплени полицијата на Богородица

MВР и македонската царина вчера, на граничниот премин „Богородица“ уловија 36 килограми марихуана. Според информациите од МВР, марихуана е со потекло од Албанија и била наменета за земјите од Западна Европа.

Дрогата била пронајдена во возило „Пежо Пантер“ со грчки регистрации, зад чиј волан бил Албанецот З.Р. (32). Полицијата решила да го претресе возилото и било пуштено полициско куче, кое при обиколката на возилото реагирало на задниот дел од возилото.

-По извршениот претрес на возилото, во задниот дел предвиден за багаж, пронајден е специјално изработен бункер  во кој биле сокриени 35 пакувања обвиткани со кафеава селотејп трака исполнети со непозната растителна материја – марихуана и еден пиштол марка Црвена Застава ТТ и рамка со 7 куршуми кал.7,62 мм, стои во полициското соопштение.

Одземената растителна материја била предадена на понатамошно вештачење, кое утврдило дека се работи за 36.300 грама марихуана со висок квалитет. Запленетата марихуана при  продажба на нарко пазар би достигнал цена од околу 100.000 евра. 

-Против З.Р. ќе биде поднесена  кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сторил две кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи„.  Во текот на денешниот ден пријавениот ќе биде изнесен пред судија на претходна постапка. Министерството за внатрешни работи презема дополнителни мерки и активности за обезбедување на докази за други лица евентуално инволвирани во случајот, велат од МВР.

 

 

 

 

07.06.2014 - 12:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега