Започна конференцијата на збратимени градови

Денеска, во хотелот Холидеј Ин во Скопје, почна дводневната Балканска Конференција на збратимени градови. Конференцијата е во организација на Корпорацијата на збратимени градови на Темпи, Аризона, САД и Меѓународната корпорација на збратимени градови од Вашингтон, САД, а Градот Скопје е домаќин на Конференцијата.

Поздравен говор и вовед во Конференцијата направи господинот Ричард Њухајзел, претседател на Корпорација на збратимени градови на Темпи и почесен граѓанин на Скопје, а обраќања имаа и Н. Е. Пол Волерс, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија и министер за финансии, Зоран Ставревски.

 

- Градот Скопје како град домаќин, дава силна поддршка на овој настан. Градот Скопје  во изминативе  години  има развиено богата меѓународна соработка. Збратимен е со 18 градови, но негува контакти и релации со многу други градови од целиот свет.  Развиеноста на врските, контактите и соработката со голем број градови, пред сè, се должи на фактот што по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Скопје стана град на меѓународната солидарност.  Од тој период, па сè до денес, градот Скопје успеал да одржи голем број од овие контакти, но и да воспостави нови врски на  соработка. Соработката на Скопје со збратимениот град Темпи од американската држава Аризона, за нас е посебна. Оваа соработка започнала во 1971-та година.  Повелбата за збратимување е потпишана во Темпи, а ја потпишал  тогашниот градоначалник на Скопје, покојниот Драгољуб Ставрев. Господинот Ричард Њухајзел, како Претседател на Корпорацијата на збратимени градови на Темпи има голема заслуга во реализирањето на збратимувањето.  Во тоа време Скопје беше првиот град од Источна Европа кој се збратими со американски град. На глобално ниво, чинот на збратимување на Скопје и Темпи, претставувал историски пресврт во односите помеѓу Истокот и Западот. Основата на долгодишната соработка на Скопје и Темпи, е благодарение на иницијативата  на Ричард Њухајзел  - Претседател на Корпорацијата, која е претставена  преку  Програмата за размена на средношколци. Програмата вклучува петнеделен престој на средношколци од двата града во текот на летниот период, сместени во семејства од другиот град.  Оваа размена почнала во 1972 година кога гимназијалците од Скопје, Лидија Калајџиева-Дамевска, Биљана Стевковска-Савиќ, Михаил Груневски и Зоран Гучев  беа домаќини на  средношколците Катрин Гивен Смит, Керолајн Шумњејн Дикерсон, Џенет Александер Фреизер и Дејвид Вин од Темпи. Таа средношколска приказна се повторува од тогаш до денес, рече градоначалникот Трајановски. 

 

Господинот Њухајзел во своето обраќање говореше за историјата на одличната соработка помеѓу Темпи и Скопје, како и за идејата за организирање на оваа конференција.

 

 - Пред неколку години кога бев во посета на Скопје, сфативме дека имаме исклучително добра приказна која треба да ја раскажеме и споделиме  и со останатите градови. Пријателството помеѓу Темпи и Скопје е пример за одлична соработка и модел кој треба да го користат и другите, изјави Њухајзел.

 

Амбасадорот Волерс кажа дека и покрај технолошкиот развој и лесниот начин за комуникација која постои денеска, сепак нема подобар начин за стекнување на нови и развивање на веќе стекнатите пријателства преку посети и директни средби. Токму поради оваа причина, амбасадата на САД работи напорно на развивање на голем број на програми со кои ќе се креираат можности за што е можно повеќе граѓани на Македонија да ја посетат САД. Тој воедно и апелираше до претставниците од градовите, дека доколку не се имаат збратимено со град од САД или воспоставено друг вид на соработка, оваа конференција е одлично место да го сторат тоа.

 

Во рамки на Конференцијата сите присутни имаа можност да се запознаат со првиот тим на студенти кои, во 1972 година ја започнаа, една од најуспешните програми за размена на студенти во светот. Сега тие се враќаат за повторно да се се видат со нивните македонски семејства и да раскажат како размената на искуства продолжува да влијае на нивните животи.

 

На Конференцијата се дискутираше и за тоа што се опфаќа програмата  „Збратимени градови“ и како програмата за Збратимени градови може да му помогне на кој било град.

 

Скопје, Република Македонија (тогашна Југославија) и Темпи (Аризона), Соединетите Американски држави го шокираа светот кога се здружија како збратимени градови пред 43 години! Никогаш порано еден американски град не се збратимил со град во Источна Европа! Студената војна сè уште беше во полн замав, но сепак, луѓето од овие два градови најдоа заедничка врска на пријателство. Четири 16-годишни ученици „собраа храброст“ и отпатува за Скопје во 1972 година. Оттогаш, над 300 ученици учествуваа во размената и семејствата од двете стани на светот станаа пријатели! Професионални размени, како и размени на едукатори исто така ги збогатија животите на многу луѓе.  Размените во изминатите 43 години беа навистина разновидни: студенти, наставен кадар, готвачи, музичари, спортски тимови. Размените во образованието вклучуваат ученици и студенти и наставен кадар на ниво на средни училишта и универзитети. Во релациите на збратимените градови и двете страни имаат придобивки. Прво доаѓа пријателството, потоа довербата, потоа разбирањето, и конечно економските и културолошките придобивки. Околу 170 македонски семејства од Скопје и Темпи се зближија, се негуваат прекрасни спомени, пријателства, животни приказни. Сето тоа за сите овие учесници во овој успешен проект е огромно животно искуство кое е неповторливо. Сите оние млади луѓе кои беа вклучени во размената со Темпи беа одлични амбасадори на Скопје и Република Македонија, во Темпи, во Аризона и во Соединетите Американски Држави.

 

Вечер, во 19 часот, во просториите на Министерството за надворешни работи, градоначалникот Трајановски ќе приреди свечен прием за сите учесници на Конференцијата и гости на градот Скопје.

 

 

 

06.06.2014 - 14:20
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега