Ставрески: Интензивно работиме на отписот на долгови

 

Целата операција на отпис на долговите треба да заврши за два до три месеци, заклучно до септември, а право да аплицираат имаат корисници на социјална помош, лица кои подолго од 12 месеци се невработени и активно бараат работа и граѓани кои поради семејна несреќа или тешка болест не можат да си ги платат долговите. Рокот за поднесување барања за откуп на дворовите по едно евро за квадрат ќе трае до 13 ноември и ќе нема ново продолжување, истакнува министерот за финансии Зоран Ставрески во интервју за весникот Вечер.

Министерот најавува дека овој проект ќе стартува веднаш по формирањето на новата Влада.

-Отписот на долговите треба да почне да се реализира веднаш по формирањето на новата Влада, откако законот со кој ќе биде регулирана оваа мерка ќе добие зелено светло од Владата и од Собранието. Овој проект ни е многу битен и работиме најбрзо што е можно на неговата реализација. Веќе формиравме работна група, во која освен државните институции има претставници и од ЕВН, банките, Топлификација, и таа работи со полна пареа. Имаше неколку средби на кои се дефинираа деталите околу постапката, се анализираше колку лица ќе можат да бидат опфатени, се со цел да се помогне на најранливите категории на граѓани на начин кој е објаснет во нашата Програма. Целата операција треба да биде завршена за 2-3 месеци, односно заклучно со септември оваа година, вели . 

Со законот за отпис на долгови, објаснува министерот Ставрески, ќе бидат опфатени три категории граѓани: корисници на социјална помош, лица кои подолго од 12 месеци се невработени и активно бараат работа и граѓани кои поради семејна несреќа или тешка болест не можат да си ги платат долговите.

-Се обврзавме да ги отпишеме долговите кон банките, како и долговите за струја, за парно и радиодифузна такса направени до 31.12.2013. Во делот на долговите кон банките, се работи за долгови настанати по основ на кредитни картички, потрошувачки кредити и минусни салда на тековна, а кои не се платени повеќе од една година и не се обезбедени со движен или недвижен имот. Во делот на електричната енергија, правото на отпис се однесува на долгови кои не се подмирени повеќе од една година и за кои е покрената тужба. За достасаните обврски кои не се сервисирани во пократок рок од 12 месеци, ќе побараме од ЕВН да овозможи нивно повеќегодишно репрограмирање. Има неколку услови кои треба да се исполнат. Кај категоријата невработени, лицето треба да е евидентирано како активно невработено во Агенцијата за вработување повеќе од една година. Доколку станува збор за сопружници двајцата треба да се евидентирани како невработени и во претходната година да немаат остварено приход над 105.600 денари. Исто така, лицето не смее да поседува друг стан или куќа, освен онаа во која живее. Проектот ќе се реализира на тој начин што државата ќе ги ослободи ЕВН, банките и другите економски субјекти од плаќање данок, а тие ќе им ги отпишат долговите на социјално загрозените граѓани. Според тоа, трошокот ќе го понесе државата, но очекуваме и банките, ЕВН и другите економски субјекти да помогнат преку постигнување на добри услови за отпис на долговите. Откако ќе помине законот за отпис на долгови на Влада и на Собрание, граѓаните ќе можат да поднесат барање до институцијата која ќе ја назначиме за надлежна и доколку ги исполнуваат условите, долговите ќе им бидат отпишани. Би сакал да истакнам дека никој не треба да се грижи дека ќе биде изоставен. Владата ќе биде со граѓаните во текот на целиот процес, ќе им помагаме, ќе им се јавуваме на сите кои ги исполнуваат условите, се со цел секој што е опфатен со мерката да може да го оствари правото на отпис на долгот, вели Ставрески за Вечер.

06.06.2014 - 10:17
Фото: 
Академик
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега