Судбината на „синиот ангел“ е решена

Старателството над 5- годишнотот русокосо девојче Марија, кое минатата есен го привлече вниманието на светската јавност откако беше пронајдено во ромска населба кај брачна двојка со која не беше во сродство, му припадна на грчката добротворна организација „Насмевка на детето“.

Со ова грчкиот суд конечно ја разреши судбината на малата Марија која до полнолетство ќе има сигурен дом, а постои можност и некој да ја посвои.

„Овозможено ни е да и пружиме сé што и е потребно за нејзино добро, како и на другите деца за кои се грижиме", изјавил Панагиотис Пардалис, од „Насмевка на детето".

Откако ја ставија под старателство во Грција, Марија живее со уште 20 дечиња кои зборуваат ромски и грчки јазик, така што од нив ги научила двата јазика. Во октомври би требало да тргне во градинка.

Полицијата го откри русокосото девојче во текот на рација во една ромска населба во близина на градот Фарсал. Иако двојката кај која беше најдено девојчето тврдеше дека се нејзини родители, обвинителите ги истражија сомнежите поради очигледната разлика во тенот и бојата на косата. Двојката била со темен тен и коса, додека девојчето има бел тен и руса коса.

Двојката беше уапсена под обвинение за киднапирање и фалсификување на документи, по што признаа дека Марија им ја оставиле нејзините родители од Бугарија, затоа што не можеле да се грижат за неа.

Приказната ја потврди и нејзината биолошка мајка која полицијата ја пронајде во ромска населба во Бугарија. Биолошките родители ќе може да го посетат девојчето само со дозвола на судот.

На почетокот на јуни, судот во Лариса го одби барањето на Бугарија да и го предаде девојчето кое беше пронајдено во октомври, минатата година.

05.06.2014 - 17:58
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега