Нови правила за организирање на ученичките екскурзии
Ученичките екскурзии, од наредната учебна 2014/2015 ќе се изведуваат по нов унифициран Правилник. Овој новитет треба да овозможи поголема транспарентност во процесот на избор на правен субјект кој ќе ги организира и да се избегне субјективноста и нетранспарентноста.
- Првпат се прецизира дека огласот треба да содржи место, начин и рок за доставување на понудите, не пократок од пет дена, детален опис на услугата, минимални услови кои треба да ги исполни понудувачот, документи кои треба да ги достават и информации за точна вредност на банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот во висина од 5 до 15 проценти, истакна денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Министерот потенцираше дека од голема важност е фактот што пропишаните минимални услови кои треба да ги исполни понудувачот кој се јавува на огласот, отсега ќе бидат и единствени услови, односно комисија повеќе нема да има право и можност да ги менува или да утврдува или пак да утврдува дополнителни услови.
- Со новите правни решенија очекувам да се елиминираат сите шпекулации околу евентуален нетранспарентен процес за избор на правни субјекти кои ги организираат училишните екскурзии со што се заштитуваат и родителите на учениците од непотребни финансиски оптоварувања, истакна Ристовски.
Постапката ќе продолжи да ја спроведува училиштето со објавување оглас во два дневни весници, но отсега огласот ќе треба да биде истакнат и на видно место на влезот во училишната зграда.
Јавниот оглас го изработува Комисија формирана со одлука на Училишен одбор, а составена од пет члена, двајца од редот на наставниците и тројца од редот на Советот на родители, но родители од генерацијата за која се организира екскурзијата.
Евалуацијата ќе ја спроведува Комисијата доколку е пристигната и најмалку една понуда. Таа подготвува извештај и дава предлог за избор на најповолен понудувач или согласно новите правилници предвиден е и предлог за поништување на постапката доколку не е поднесена ниту една понуда, ако не е поднесена ниту една прифатлива понуда, доколку цените во понудата се понеповолни од реални цени или не може да се изврши споредба на понудите заради различен пристап на понудувачите при формирање на цената на понудата.
Како што објасни министерот Ристовски, овие промени во правилникот, биле резултат на тоа што до МОН во изминатиот период пристигнале поплаки и забелешки за нецелосно транспрентна постапка за процесот на избор на правниот субјект кој ќе ги организира екскурзиите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа