Потпишан меморандум за соработка за спроведување на проектот „Спортски бон-тон“

- Нашите деца треба да спортуваат, да растат и да живеат заедно ... тоа е суштината на македонскиот модел на соживот и почитување што се пренесува од предците на потомците, од родителите на децата и од наставниците на учениците, истакна претседателот Ѓорге Иванов  по потпишувањето на меморандумот за соработка за спроведување на проектот „Спортски бон-тон“.

Меморандумот за соработка денеска го потпишаа Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал“–Скопје и градоначалниците на општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и на Свети Николе, вклучени во проектот.

Претседателот Иванов, кој е и покровител на проектот, посочи дека спортот заедно со семејството и училиштето е третиот столб на образованието на децата.

- Спортот има моќ да зближува, да поврзува и да интегрира, да ги брише етничките, јазичните, религиските и социјалните разлики. Разбран  погрешно, спортот може да се претвори во борбено поле на меѓусебни навреди и омаловажување од кое сите заминуваат поразени, вклучително и спортот, рече Иванов.

 

Најдобра спортска победа, како што додаде, е онаа добиената преку фер игра. - Единствено вредна победа е онаа во која нема поразени. Проектот „Спортски бон-тон“ има за цел да им овозможи на децата да ја постигнат и највредната спортска победа, во која има два победника - младите и Македонија, рече македонскиот претседател.

Иван Анастасовски од Здружението за развојни иницијативи-Геостратешки институт „Глобал“ – Скопје рече дека целта на проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

- Проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ ќе биде македонска препознатлива приказна која ние ќе ја пласираме во европски рамки, додаде Анастасовски, чие Здружение е иницијатор за реализирање на проектот.

 

Амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс истакна дека добриот спортски однос, дружењето, соработката и тимската работа никогаш не излегуваат од мода. - Тие се основите на кои се надградуваат победничките тимови и успешните заедници ширум светот. Укажувајќи им ја важноста на овие вредности на македонските деца и подеднакво важно моделирајќи ги овие вредности за нив проектот „Спортски бон-тон“ ќе придонесе за посилна и пообединета Македонија. За доброто на сите нејзини граќани, нагласи амбасадорот Волерс.

Градоначалникот на Велес Славчо Чадиев изразувајќи благодарност за вклучувањето на неговата општина во проектот, го истакна значењето на поектот во интегрирањето на децата од школска возраст во системот на спортување, учење, дружење и пред се нивно меѓусебно запознавање.

- Придобивките на овој проект се долгорочна инвестиција во правилно креирање на личностите на сите учесници, додаде тој. 

Проектот „Спортски бон-тон“, кој се одржува трета година по ред, е поддржан од Амбасадата на САД и има за цел да влијае за надминување на стереотипите и предрасудите, и суштински да придонесе за градење на духот на толеранција, заедништво и почитување кај младите во Република Македонија.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.

Оваа година, проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ ќе се реализира во периодот од јуни до ноември 2014 година преку спортско-културни манифестации во шесте општини. 

 

 

04.06.2014 - 18:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега