Лора Так: Македонија меѓу топ реформаторите

 

Некои држави во регионот вредно работеа кон создавање клима за инвестиции, целејќи да го ослободат потенцијалот на приватниот сектор. Македонија е една од врвните реформатори во отстранување на административните пречки за водење бизнис, истакна потпретседателката на Светската банка Лора Так, која денеска во Виена учествуваше на конференцијата за Западен Балкан

-Минатата година, таа беше меѓу првите дваесет и пет земји во светот – пред многу ЕУ членки – на светскиот индекс за Леснотија при водење на бизнис. Приватните инвестиции се зголемени како последица на реформите и почнуваат да се гледаат нето придобивки во зголемено вработување на обучен кадар, рече Так, пред бројните учесници на конфренцијата, на која присуствуваше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.  

Министерот Попоски во изјава за МИА посочи дека значаен беше фактот што на оваа конференција за Западен Балкан имаше претставници од повеќе меѓународни финансиски институции. 

- Во тој контекст од Светската банка бевме потенцирани како земја со најдобри резултати во делот на реформите што ни имаат овозможено во голем број на одредници да се наоѓаме и подобро рангирани од голем број земји-членки на ЕУ, потенцираше Попоски.

На конференцијата, на која учествуваше и еврокомесарот Штефан Филе, министрите разговараа за подобрување на соработката во рамки на Процесот за стабилизација и асоцијација, земајќи ги предвид сличните предизвици и цели во контекст на нивните посебни патеки на приближување кон ЕУ.

- Главниот фокус на конференцијата беше австриската поддршка за интензивирање на процесот на интегрирање на сите земји од Западен Балкан. За нас е особено значаен фактот што Австрија недвосмислено се залага за почеток на преговорите со Македонија, за интегрирање со ЕУ и сметаат дека наметнатите спорови не треба да бидат пречка на овој пат, рече Попоски.

На конференцијата, како што истакна тој, најмногу станало збор за потенцијалот за економски напредок во следниот период.

- Очигледно е дека резултатите на европските избори имаат определено влијание и врз генералната клима каде што проширувањето не е многу атрактивна тема, но во следниот период ќе биде многу значајно да се помогне во економскиот развој на сите земји од регионот. Тука е значајно бидејќи Австрија е втор најголем инвеститор во Република Македонија и е поддржувач на повеќе клучни инфраструктурни проекти, истакна шефот на дипломатијата во изјавата за МИА.

Министерот Попоски попладнево исто така во Виена учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно-европската иницијатива во рамки на австриското претседавање.

-Македонија следната година ќе го преземе претседавањето со ЦЕИ. Приоритетите ќе ги работиме заедно со австриското претседателство и ќе има повеќе проекти кои ќе се реализираат во текот на следната година, најави министерот Попоски.

На конференцијата Попоски ја поздрави силната заложба на овогодинешното Австриско претседавање за промоција на економската и енергетската соработка во регионот на ЦЕИ. Тој особено ја потенцираше важноста на регионалната соработка, особено во надминувањето на економските ризици и развојот на овој дел на Европа. Попоски рече дека ваквите сложени прашања како што се енергетската безбедност и ефикасност, користењето на одржливи извори на енергија, бараат амбиент на тесна научна, технолошка, административна и развојна соработка каква што се гледа во ЕУ, а може да постои и помеѓу земјите кои целат кон ЕУ.

МИА

03.06.2014 - 20:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега