Австриски компании заинтересирани за бизнис во Македонија

Австриски компании се заинтересирани за инвестиции во прехранбената индустрија и енергетскиот сектор во Македонија. На македонските компании им нудат машини и опрема, како и помош со пренос на знаења за исполнување на неопходните стандарди потребни за подобар пласман на производите на странските пазари.

Плановите и можностите за инвестирање беа тема на денешните бизнис средби и презентации на австриски и македонски компании, во организација на стопанските комори на Македонија и на Австрија.

Арпар Колар, претставник на фирмата за производство на пијалоци „Меј“ смета дека Македонија нуди добра основа за  различни  видови инвестиции.  Нивната компанија, како што информира, е во преговори за соработка со Пивара Скопје, Прилепската пиварница и со Винарската визба  Тиквеш.

- Во последните години гледаме добар развој. Интересот на странските инвестиции е се поголем за Македонија. Најмногу сме заинтересирани за инвестирање во индустријата за производство на прехранбени производи и во енергетскиотс ектор, изјави Колар.

Михајло Коневски, претставник на  компанијата за одгледување и преработока на лековити билки  „Флорекс“, очекува соработка со австриските компании со пренос на знаења за исполнување на потребните стандарди  на производите.

Во Македонија се уште недостасува консалтинг во подготовка на производството, одгледувањето и преработката. Сите конкурентски компании кои доаѓаат од другите држави полесно ги постигнуваат стандардите, а ние не можеме да  ги пласираме нашите производи по такви конкурентски цени како што ги пласираат  другите, изјави Коневски.

Проблем на македнонските компании, појасни, е што се уште не можат да се прилагодат на стандардите кои ги бара ЕУ и немаме доволно  знаење како да ги направиме производите  поконкурентни на тие пазари. Моментно од Македонија има доста производи кои се извезуваат  на странските пазари, но тие се или со делумно исполнети стандарди или со несоодветни можности за пласирање на тој пазар, посочи Коневски.

Трговската размена на Македонија и Австрија лани достигнала 190 милиони долари, а во првиот квартал бележи раст од 46 проценти и изнесува 45 милиони американски долари. Австрија е на второ место по инвестиции кои во 2012 година изнесуваа 81,7 милиони долари. Најголемиот дел од австриските компнаии кои досега инвестирале во земјава се во осигурителниот пазар и банкарскиот сектор.

03.06.2014 - 14:51
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега