Со групна набавка на инфузиски раствори до значителни заштеди во болниците
Министерството за здравство спроведе групна набавка на инфузиски раствори за потребите на јавните здравствени установи, со што се постигнати пониски цени за растворите и се унифицираат цените за ЈЗУ. За ова денеска информираше министерот за здравство, Никола Тодоров.
- Имајќи предвид дека овој тендер е со важност од две години, вкупната заштеда за јавните здравствени установи за две години изнесува над половина милион евра односно 33.728.980 денари, нагласи Тодоров.
На ниво на одделни ставки од набавката на инфузиски раствори, појасни Тодоров, за набавка на содиум хлорид 0,9 проценти 500 мл, заштедата за една година е 9.100.000 денари, за содиум хлорид 0,9 проценти 100мл е 985.000 денари, додека за набавка на глукоза 5 проценти 500 мл, заштедата на годишно ниво е 3.820.000 денари.
- По склучувањето на рамковната спогодба, таа ќе се однесува на сите јавни здравствени установи кои учествуваа во групната набавка и ќе се однесува на деловите во кои е постигната пониска цена од добиената цена во постапката во рамки на самите установи. Тоа значи дека здравствените установи кои имаат постигнато пониски цени од групната набавка за некој дел или делови, нема да склучат договор само за тие ставки за кои постигнале пониски цени, појасни министерот Тодоров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа