Каракамишева: Ниту едно “уличарско делување“ на опозицијата во светот не вродило со плод
СДСМ најави дека ќе ги искористи сите демократски механизми за вонпарламентарно делување и дека за тоа нема да бараат дозвола од власта. Професорката Татјана Каракамишева - Јовановска за Макфакс вели дека оваа идеја не е нова и дека истата датира уште од времето кога на чело на партијата бил Бранко Црвенковски кој тогаш велеше дека на тој начин ќе им понуди на граѓаните алтернатива во делувањето и во преземените мерки на актуелните владините ресори.
„И тогаш и сега сметам дека самата идеја'„влада во сенка' е генерално добра, но само ако истата се прилагоди на политичките околности и услови во земјата, на политичкиот плурализам кој постои во земјата, и на коалициониот карактер на опозицијата, од една, и на албанскиот блок партии на кои никој однапред не може да им стави место, дали ќе останат во опозиција или ќе делуваат во власта со оглед на нивната пост-изборна вклученост во преговорите. Оттука, 'владата во сенка' може да биде прифатена во РМ само ако истата е однапред договорена меѓу партиите во опозицијата, поделбата меѓу ресорите е јасно утврдена меѓу партиите, со претходна вклученост и на албанска партија во таа коалиција. 'Влада во сенка' би имало смисла и како политичка сила само доколку коалиционите партнери во опозицијата претходно договорат поделба на ресори која докрај би се почитувала при евентуалната победа на наредните парламентарни избори и при формирањето на нивна влада, што значи доколку во неа најдат свое место и помалите коалициони партнери на опозицијата. Во спротивност, ако истата е составена само од членови на СДСМ, тогаш нејзината политичка цел би се трансформирала во самопромоција на членовите на СДСМ, и во таков случај би требало да се нарече 'влада во сенка на СДСМ', а не да се повикуваат на општоприфатениот институт во парламентарните системи „влада во сенка". Ова е многу важна работа која граѓаните мора да ја знаат, бидејќи ако не се почитуваат основните политички параметри во составот на владата во сенка кои би значеле истиот состав на владата во сенка да биде и наредниот состав на официјалната влада, овој инструмент би имал тенденција да се претвори во инструмент за повторна граѓанска изборна и политичка манипулација, по примерот на неодамнешните непризнавање на изборните резултати и неприфаќање на мандатите. Значи, граѓаните ќе мора со многу поголемо внимание и претпазливост да пристапат при (не)прифаќањето на ваквите и слични идеи на СДСМ, бидејќи реалноста е многу поразлична од онаа што ни ја презентира раководната структура на СДСМ", истакнува проф. д-р.Татјана Каракамишева - Јовановска во изјава за Макфакс.
Јавното мислење по однос на излегувањето на опозицијата од државните институции е поделено, некои сметаат дека тоа е вистинскиот чекор, некои се воздржани од коментирање, додека, пак, за некои местото на опозицијата е во собраниските клупи со цел да биде критичар на владините политики.
Професор.д-р.Татјана Каракамишева - Јовановска смета дека на опозицијата местото и' е во институциите на системот, бидејќи нејзината одговорност е многу голема да биде критичар на владините политики во рамки на системот, а не надвор од него.
„Моето мислење е на линија на мнозинското размислување дека на опозицијата местото и' е во институциите на системот. Всушност, опозицијата има голема политичка одговорност да биде критичар на владините политики во рамките на системот, а не надвор од него. Тоа го бараат сите гласачи кои гласале за оваа опција, тоа го бара демократијата во една земја, тоа го бара нормалното функционирање на институциите во системот. Мислам дека стратегијата на СДСМ да делува надвор од институциите е многу погрешна и контрапродуктивна не само за опозицијата, туку и за сите граѓани на Македонија. Ниту едно 'уличарско делување' на опозицијата во земјава, но и во другите земји не дало резултат, ниту со некаков поголем политички успех за оние кои практикувале институциите да ги заменат со улица", вели Каракамишева.
Таа смета дека доколку меѓународната заедница констатира назадување на демократските процеси во РМ поради отсуство на политички дијалог, тој минус не може да се стави само на контото на власта, или само на контото на опозицијата. Тоа е минус на Република Македонија, од кој натаму се изведуваат сите негативни моменти во системот.
-Но, од друга страна, опозицијата не може на сила да биде натерана да влезе во Собранието на РМ, и од таму да ги брани своите политики. Ако опозицијата упорно ги негира сите нормални демократски процеси, правила и начела на политичко однесување (дека мнозинската изборна волја мора да се почитува на ист начин како и малцинската), и ако создава безброј алиби за оправдување на своите неиздржани политички чекори на делување, без притоа да даде ниту еден аргумент или доказ во рамките на правната процедура за ткн 'системски грабеж во земјата', како што тие го нарекуваат, тогаш се поставува едно многу логично прашање: дали се свесни дека ваквото нивно делување може да биде оквалификувано како антисистемско и антидржавно. Дали опозицијата знае дека предизвикува штета која ќе има несогледливи последици за земјата со ваквото креирање политички преседани на кои утре можат да се повикаат сите политички актери, а со што директно се рушат демократските стандарди на политичко делување и се инсталираат квазидемократски механизми кои имаат за цел доаѓање на власт на недемократски начин, во кој мнозинската волја е целосно згазена и девалвирана", истакнува Каракамишева.
Таа додава дека, сепак, на крај цената од ваквото неразумно дејствување ќе ја „плаќаат" сите граѓани на земјава без разлика дали и во колкав степен ја поддржуваат или не ја поддржуваат оваа стратегија
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа