Наградени бизнис планови за енергетска ефикасност
Проектот „Енергетски ефикасна куќа од слама“ на тимот „Економични вати“ е добитник на првата награда во вредност од 500 евра на натпреварот за најдобар бизнис план за студенти во рамки на Платформата за енергетска ефикасност, во организација на ЕВН Македонија и Министерство за економија.
Втората награда во вредност од 300 евра ја доби тимот на „Енергетика 6“ за бизнис планот „Генератор на реката Вардар за ефикасно улично осветлување на Скопје“, додека третата награда од 150 евра ја делат тимовите „Аполон“ и „Енерго баланс“.
Над 150 студенти од скоро сите високообразовни институции во државава учествуваа во бизнис план натпреварот. Студентите, групирани во четириесет тимови, се натпреваруваа со нивната инвентивност, иновативност и знаење.
За подобро и поуспешно учество на овој натпревар студените добија и соодветна обука која се одржа на Деновите на образованието на Скопски саем. На учесниците на бизнис план натпреварот им беа дадени конкретни насоки и алатки за изработка на бизнис план и пресметки за енергетски заштеди.
- Поголема примена на енергетската ефикасност во реалниот сектор е една од главните цели на Платформата за енергетска ефикасност. Токму затоа навремената едукација кај студентите како главна одлучувачка сила во иднина во компаниите е од клучно значење. Искрено се надеваме дека со овој натпревар овозможивме стекнување на реални и конкретни можности на овој план, изјави Искра Тикваровска, координатор на проектот во ЕВН Македонија.
Тимовите кои изработија бизнис планови во предвидениот рок имаа можност да ги презентираат пред стручна комисија. Презентацијата беше финалниот критериум за евалуација на плановите. Секој тим имаше три минути со помош на промотивен простер да ја презентира својата бизнис идеја пред комисијата и потоа да одговори на прашања.
- Со вклученост во вакви активности младите се подготвуваат да станат активни учесници во економијата. Дополнително, сметам дека успеавме да го истакнеме значењето на енергетската ефикасност за современите бизниси, и новите генерации ќе ја применуваат во секојдневното работење, изјави Исмаил Лума од секторот за енергетика во Министерството за економија.
Бизнис план натпреварот е последна од низата активности на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија. За потребите на натпреварот во март започна промоцијата на натпреварот и правилата за учество на специјално наменетиот вебсајт www.energetskaazbuka.mk. и продолжи со активна комуникација преку социјалните медиуми. Во организација на натпреварот беа вклучени и студентските организации АИЕСЕЦ и ИАЕСТЕ кои го мобилизираа своето членство низ цела Македонија. Промотивни презентации за учество на бизнис план натпреварот беа одржани на 7 различни факултети во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Тетово.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа