Вида Боева: Ванчо Михајлов беше калуѓер на Македонија

Вида Боева, многумина ја карактеризираат како една од најверните секретарки, иако таа повеќе милува себе си да се нарече соработник, на еден од најконтроверзните лидери на македонското револуционерно движење. Родена е во Охрид, а во родниот град за прв пат, по 46 години илегала во Италија доаѓа во 1999 година. Ванчо Михајлов, го запознава 1961 година и оттогаш е неразделен дел од неговото секојдневие.

Таа и денеска живее во Рим со спомените и комплетната архива на Михајлов, но и со неговите ставови за Македонија, за кои вели дека се и нејзини ставови.

Михајлов почина со идејата дека Македонија треба да биде независна држава, но никогаш не ја призна посебноста на македонската нација.

Единствен наследник на ВМРО, како што Вели Боева, за Ванчо Михајлов бил МПО, основан и координиран од него.  

Како и најголемиот дел од животот поминат во тајност, така и на 24 мај, во Рим во Црквата Св. Климент, каде се наоѓа гробот на Св.Кирил, речиси и никој не го примети нејзиното присуство меѓу групата која беше дел од делегацијата на македонското чествување на делото на сесловенските просветели. Не се двоумеше многу да прифати разговор за македонски медиум, иако инсистираше на коректно пренесување на нејзините одговори.

Во ексклузивното интервју за Прес24, Боева зборува за последните денови на Михајлов, за неговиот двоен идентитет, за начинот како живеел, за гостите кои од Македонија редовно му носеле информации.     

ПРЕС24: Кога последен пат сте биле во Македонија и кога всушност за прв пат дојдовте во Македонија?

БОЕВА: Последен пат бев пред две години. А, прв пат во Македонија дојдов, по 46 години емигрантски живот, во 1999 година.

ПРЕС24: За целото време претходно каде бевте?

БОЕВА: Овде во Рим. Тука живеам. Тука во Рим завршив универзитет. По професија сум новинар и цел живот работам за народното дело.

ПРЕС24: Зошто толку долго не сте биле во Македонија?

БОЕВА: Затоа што јас работев за независна Македонија уште додека беше во Југославија.  Македонија да има своја држава. 

ПРЕС24: Немавте можност,Ви беше забрането да дојдете во Македонија, или?

БОЕВА: Не. Јас имав политички азил. Го барав тој политички азил и овде го добив. Но, како студент прво бев две години во Белград, на тамошниот Универзитет. Имав многу добри пријателки Србинки, прекрасни пријателки, така што не можам да кажам нешто против Српскиот народ, во никој случај...

ПРЕС24: Добро.. Како живеевте во емиграција овде?

БОЕВА: Па, во емиграција се живее добро. Најдобро се живее кога нема духовно да се откажеш од татковината. Ако живееш со неа, исто како да живееш во Македонија.

ПРЕС24: Вие додека бевте овде работевте како лична секретарка на Ванчо Михајлов, го знаете неговиот живот. Како тој живееше овде?

БОЕВА: Ванчо Михајлов беше... знаете... тој е легенда. Лидер на македонското движење. Од 1945 година наваму, тој веќе работеше легално. ВМРО веќе функционираше легално. Тоа ВМРО од 1945 наваму се нарекува, Македонски Патриотски Организации  - МПО и центарот е во Америка.  Во Индијанаполис. И Ванчо Михајлов работеше со нив. Пишуваше петиции, декларации, статии.. се.  Единствено во насока, еден ден Македонија да биде тоа што е денеска.

ПРЕС24: Кога дојдовте Вие во Италија? Заедно со Михајлов?

БОЕВА: Не. Не.. сега ќе ви кажам.. Тој дојде 1948 година од Австрија, заедно со неговата сопруга.  А јас дојдов 1961 година. Моето доаѓање во Италија нема ништо заедничко со Ванчо Михајлов.

ПРЕС24: Како се случи да бидете Вие личен, прв соработник на Михајлов?

БОЕВА: Јас имав голема љубов, со тогаш мојот иден сопруг, (сега ми е сопруг), тој беше емигрант од Пиринска Македонија. Пребеган во Македонија. Побараа да замине на запад. Белград не им даваше и го затвори в затвор. Благодарение на ООН, ги пуштија и дојде во Италија.  Во Италија тој се поврза со Иван Михајлов. Тој се поврза со него, бидејќи е многу интелигентен, исто така е новинар. И дојдов јас да се видам со мојот, свршеник.. тогаш... и останав...

ПРЕС24: Тогаш Михајлов беше во илегала?

БОЕВА: Да... секогаш тој беше во илегала.  Овде дејствуваше нелегално.. Тој тука живееше под друго име..

ПРЕС24: Под кое име?

БОЕВА: Анастасов. Под Анастасов .

ПРЕС24: Иван Анастасов?

БОЕВА: Да. Иван Анастасов.

ПРЕС24: Зошто токму Анастасов?

БОЕВА: Анастасов, затоа што еден од дедовците се викаше Анастасов. Анастасиј.

ПРЕС24: Од што се плашеше Михајлов?

БОЕВА: Од ништо!

ПРЕС24: Зошто тогаш живее во илегала? Со лажен идентитет?

БОЕВА: Па... бидејќи беше лидер на македонското револуционерно движење. И во Бугарија тој се криеше. Се криеше кога беше таму, кога ВМРО беше активно меѓу двете светски војни. . Природно беше да се крие... секој можеше да ти направи проблем.  Него и го бараа. Најмногу го бараше Белград. А го бараше и Софија. Го бараа од секаде за да го ликвидираат.

ПРЕС24: Сепак, тој почина од природна смрт. Не успеаја во тоа.

БОЕВА: Да. Тој почина в кревет . На 94 години, здрав, верувајте ми, здрав, прав... неколку дена нешто претходно, бидејќи овде е многу топло летно време, доби бронхопнеумонија.. староста исто така... и срцето не издржа. Почина во моите раце.

ПРЕС24: Зборувате дека работел за македонската држава, но историјата во Македонија за Ванчо Михајлов има еден друг поглед?

БОЕВА: Па.. тој поглед е од времето на Белград. Од времето на поранешна Југославија. Но, тој поглед, малку по малку... бидејќи Ванчо Михајлов, кога направи интервју... скопјани побараа да направат со него интервју. Од Скопје дојде новинарот, Борис Вишински. Тој побара преку Ватикан, мојот сопруг работеше во радио Ватикан, да направат интервју со Ванчо Михајлов.

ПРЕС24: Која година е тоа?

БОЕВА: Тоа е 1989... октомври... И Иван Михајлов рече, ДА!, Писмено. Да сме на чисто. За да не се фалсификуваат работите. Тој достави прашање во писмена форма, Михајлов одговори исто така писмено... ние ги имаме оригиналите.. И што е најважно. Најважно сега за овој момент . Тој на Михајлов му постави едно прашање. Што мислите за иднината на Македонија? И Михајлов одговри: Македонија сама треба да влезе во европското семејство. Не со Србија. Не со Албанија. Не со Бугарија... Сама...

ПРЕС24: Меѓутоа спорен момент сепак се ставовите на Михајлов, околу постоењето на Македонскиот народ како посебен народ, различен од Бугарскиот.?

БОЕВА: Чекај сега... почекај да ви кажам. И моето е истото мислење. Ние сите сме македонски народ. Апсолутно. Во Македонија сите... сите.. сите што живееме, сме македонски народ, бидејќи имаме македонски пасош. Како Швајцарија. Но, јас овде ќе ви дадам пример за да не ви одговорам директно. Индиректно одговорот е следен. Скоро.. пред една година  некаде, овде се случи едно убиство. Беше Албанец . Прво кажаа дека е Македонец убиецот на некое девојче. Потоа, втората интерпретација, второто објаснување во медиумите беше, Албанец од Македонија. Со ова сакам да ви кажам како размислуваше Иван Михајлов. Сите сме ние како Швајцарија. Или како Австрија. Австрија е земја, територијално е Австрија, но јазикот е германски. И кога ќе ги прашате што сте, одговараат, Германци од Австрија.. но со тек на време тоа се напушта... и сега се нарекуваат Австријци... Но, кога ќе почнат да зборуваат... тие зборуваат германски...

ПРЕС24: Но, Македонија не истиот пример. Македонците во Македонија се чувствуваат и се, народ различен од бугарскиот?

БОЕВА: Сега ќе ви кажам. Од 1945 година до сега има повеќе од 60 години. Во тие 60 години ништо од вистината не е кажана. Не е ништо соопштено. Децата не знаат. Тоа што слушаат, тоа го зборуваат. Нормално е така да се мисли. Не можеш децата со пиштол да ги натераш да кажат некоја друга историска интерпретација. Така знаат, така кажуваат. Но тоа не значи дека ние не треба да ги отвориме страниците на историјата и малку по малку, да се види. Ние пак сме Македонци. Ме разбирате?
Второ. Зошто ние “ЕР” големо го немаме во азбуката, а имаме потреба од него. Ние ставам апостроф кај што е потребно “ЕР”.

ПРЕС24: Добро... тоа е сепак Ваш, став.. реалноста денеска е нешто друго.. Мене друго ме интересира. Да се вратиме на Михајлов, Вие како негова лична секретарка...

БОЕВА: Јас сум негова соработничка....

ПРЕС24: Добро.. Соработничка... Претпоставувам дека за цело време дека Михајлов овде работеше имаше своја архива на документи, што од овој понов период, што од минатото.

БОЕВА: Да.. имаше...

ПРЕС24: Кај се наоѓаат тие документи. Кај е таа архива?

БОЕВА: Кај мене.... Јас имам се.. оставено со тестамент. И тоа тестамент кој тој го напишал, кога јас бев во Америка. Јас еден период работев и во Америка. Мажот ми беше уредник на Македонска Трибуна. Гледате ли колку сме за Македонија. И таму весникот, откога е создаден се вика Македонска Трибуна. Трибуната на Македонците.

ПРЕС24: Што друго Ви остави во тестаментот?

БОЕВА: Се! Книгите...

ПРЕС24: Станот кај што живеете?

БОЕВА: Не... не... тој немаше стан. Тој живееше под кирија. Потоа ние си го купивме...

ПРЕС24: Од што живееше тој?

БОЕВА: Тој си работеше за МПО. МПО му пушташе пари. Македонските патриотски организации. Но, тој работеше. Без Иван Михајлов, Македонските организации немаше да постојат ниту еден ден. Тој беше големо име. Тој е големо име.

ПРЕС24: Многумина велат дека од Италија и понатаму координирал голем дел од атентатите врз македонските дејци?

БОЕВА: Не... каде?

ПРЕС24: Во Бугарија, Македонија, дијаспората?

БОЕВА: Не... такви работи нема.. Тој е овде од 1948. Кога од 1948 имало атентати некаде? Никогаш. Ако тој се занимаваше со тоа, мислиш дека тој можеше да живее на Запад? Како ќе останеше жив.
Но, бидејќи идејата негова, и  меѓу двете светски војни е светиња... без разлика, кај и да беше тој... се што се правеше беше во негово име... тој е светиња.

ПРЕС24: Ви раскажувал ли кои биле неговите ставови за Тодор Александров, за останатите револуционери?

БОЕВА: Што да ми раскажува.. јас со него работев... Тодор Александров за него беше учител. Беше светиња. Тој многупати ми велеше: Јас кога треба да донесам некое решение, секогаш размислувам, дали Тодор, мојот учител Тодор Александров, би постапил така. И бидејќи го познавам многу добро, знам дека нема да постапеше така... затоа ниту јас нема да постапам така.. За него Тодор беше се.

ПРЕС24: Зошто тогаш наредбата за убиството на Александров доаѓа од Михајлов?

БОЕВА: Кој така вика?

ПРЕС24: Историјата..

БОЕВА: Која е таа историја? Која е таа историја. Нели рековме сега, дека децата ништо не знаат. Нема таква историја. Тоа не е вистина.

ПРЕС24: Имате ли кај Вас важни документи за Македонија, за историјата? За ВМРО? Што е тоа што го има во тие архиви на Михајлов, што се наоѓаат кај вас?

БОЕВА: Има... од разни аспекти... има.. за неговите односи со Хрватите, со други организации. Тоа се различни документи...

ПРЕС24: Доаѓаше ли некој од Македонија кај Ванчо Михајлов во Рим?

БОЕВА: Да.

ПРЕС24: Кој?

БОЕВА: Аааа..  тоа не можам да го кажам. Не! ..

ПРЕС24: Зошто?

БОЕВА: Знаете ли колку беше тој внимателен... Кога тој ги пишуваше книгите, тој многу имиња не кажа.. Кога книгите се пишувани, неговите спомени , тоа беше од 1965, 1967..70-та тие години.. Тогаш беше Југославија. И во Бугарија беше комунизам... тој се плашеше да спомне имиња на фамилии, за да не настраадат некогаш и внуците.. тој беше многу внимателен, многу добар човек. Не сакаше на никој лошо да направи.

ПРЕС24: Кога велите луѓе доаѓале кај него, за кој период зборувате за годините пред 90-та, или многу порано?

БОЕВА: Еее.. знаете од кога луѓе од Македонија доаѓале... уште од 1950 година.. нелегално доаѓаа.. Ќе отидеа до Виена, ќе земеа воз и доаѓаа овде. И секогаш му даваа информација за Македонија. Се.

ПРЕС24: Сакам да Ве прашам директно, бидејќи во Македонија има некои шпекулации, дали Љубчо Георгиевски имал средба со Ванчо Михајлов?

БОЕВА: Неее... Љубчо Георгиевски? Не.. Апсолутно не. Љубчо на политичката сцена се јави 1990 година пролета.

ПРЕС24: Како Михајлов го доживеа моментот на распадот на Југославија и можноста Македонија да биде независна држава?

БОЕВА: Па... тоа беше веќе на крајот... Тој фактички не беше жив.

ПРЕС24: Но го доживеа тоа?

БОЕВА: Да.. чекај ќе ви кажам што доживеа тој. Тој доживеа да падне берлинскиот ѕид. Што значеше тоа... Комунизмот падна. Тој доживеа да види во Бугарија да падне комунизмот. Тој доживеа и во Македонија да падне комунизмот... и најважното.. тој доживеа на неговата врата да тропне новинар од Скопје. Да му направи интервју и во тоа интервју да му постави прашање: Што мислите Вие, што Македонија да прави понатаму? Македонија сама.. да не се залепи за никој, одговори Михајлов.

ПРЕС24: Но, зошто сепак Михајлов не признава постоење на македонски народ?

БОЕВА: Како држава да.. Но како народ.... ние сепак не можеме да фалсификуваме историја. Штом тој вели дека Македонија треба сама да оди во Европа.. тој кажува се... Секој треба да се остави да се чувствува како што сака... Ако некој сака да биде Бугарин од Македонија, што пречи тоа? Меѓу двете светски војни, Ванчо Михајлов во Бугарија беше нелегален. Ви треба да ме прашање зошто? Затоа што работеше за Македонија, а не за Бугарија. За зошто работеше за независна Македонија? Затоа што многу буграски политичари, си пиеја кафе со Белград во Кралска Југославија и не се интересираа за Македонија. Тој го даде најголемиот подарок за Македонија. Цел живот за Македонија тој беше калуѓер.. лишен од нормален живот

31.05.2014 - 13:00
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега