Обама дочекан на нож! - критики за говорот на најмоќниот човек на планетата

 

Американските медиуми на нож го дочекаа вчерашното обраќање на претседателот Барак Обама, во кое тој ја претстави својата надворешна и безбедносна политика, пред се потпирајќи се на соработката со пријателските земји во случаи кога САД не мислат самите да реагираат за да разрешат некој воен конфликт, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

„Њујорк тајмс“ својот уреднички коментар за говорот на Обама го оцени како пропуштена можност претседателот да заземе став за бројните надворешно-политички проблеми.

- Во својот говор, претседателот Обама се обиде да им возврати на критичарите кои го обвинуваат дека ја препуштил доминацијата која САД ја имаа по Втората светска војна. Тој точно забележа дека не е прашање дали Америка ќе го води светот, туку како ќе го води. Но, претседателот не ни откри многу нови детали како планира да дејствува во следните две години, и многумина се уште се прашуваат дали тој во целост го разбира влијанието кое САД го имаат дури и во овој свет кој се менува, пишува Њујорк тајмс.

Вашингтон пост, пак, оценува дека Обама ја поткопал довербата на многу американски сојузници во американската решителност, и ги охрабрил американските противници. Весникот обвинува дека претседателот, место да ја смени надворешната политика, повторно решил само да одржи нов говор. Вашингтон пост го обвинува претседателот Обама дека направил карикатура од критичарите на неговата надворешна политика, претставувајќи ги како претерано агресивни.

Но, според весникот, Обама може да најде начин како да ја запре граѓанската војна во Сирија и без копнена интервенција, како и да воведе санкции врз Русија без да мора да чека на согласноста на земји како Кипар или Бугарија. Новинарката на Си-ен-ен Кристијан Аманпур оцени дека на надворешната политика на Обама и недостасува цврстина.

- Многу од нашите сојузници во Европа и во светот, како во Блискиот Исток, приватно изразуваат фрустрираност од недостигот на американско лидерство во светот. Пред се ова се однесува на војната во Сирија, изјави Аманпур. Во дел од извештаите по говорот на Обама се истакнува дека само мал дел од дипломаците на легендарната воена академија станаа да го поздрават својот врховен командант, а воедно ретко и млако аплаудираа на главните поенти од неговото долго обраќање. Во своето обраќање Обама се осврна на повлекувањето на американските сили од Ирак и планираното повлекување од Авганистан, но и на кризните жаришта во Сирија, Украина и Арапската пролет. Една од ретките светли точки кои Обама ги истакна е отворањето и обидот за демократизација на Бурма, но и тука повеќе медиуми посочија дека оваа земја тоне во крвава војна меѓу мнозинските бурмански будисти и малцинскиот муслимански народ Рохингја.

29.05.2014 - 09:25
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега