Обама: Кога светот има проблеми бара помош од САД

 

Американскиот претседател Барак Обама денескa одржа говор пред дипломците на воената академија „Вест Поинт“, во кој ја претстави неговата стратегија за справување со воените конфликти во светот во иднината.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Обама најави дека во случаи во кои американските суштински интереси се загрозени, САД ќе реагираат еднострано, додека во конфликти во кои заканата не се однесува директно на земјата, одговорот ќе следи преку соработка со партнерски држави.

- Сакам да го повторам принципот од почетокот на мојата администрација – САД еднострано ќе користат воена сила, доколку тоа биде неопходно, во случаи кога нашите суштински интереси тоа го бараат – кога нашите луѓе се загрозени, кога нашите животи се во опасност или кога безбедноста на нашите сојузници е доведена во прашање. Во овие случаи сепак ќе поставиме прашање дали нашата акција е пропорционална, ефективна и правична. Но, Америка никогаш нема да бара дозвола да ги заштити своите луѓе, татковината или нашиот начин на живот, изјави претседателот Обама.

Зборувајќи за серија меѓународни конфликти како граѓанската војна во Сирија и кризата во Украина, Обама рече дека во случаи кога САД не се соочени со директна закана, тогаш прагот за американска воена интервенција ќе биде ставен повисоко, и Вашингтон нема да реагира сам, туку ќе бара поддршка од партнерите и сојузниците и ќе дејствува со дипломатски мерки, санкции и изолација.

Обама, во долгиот говор кој траеше над 40 минути, на војниците во „Вест Поинт“ им порача дека се првата генерација по подолго време која нема да биде испратена да војува во Ирак или во Авганистан.

Тој изјави дека САД, во Авганистан, ја преземаат улогата на земја која ќе ги обучува и советува авганистанските сили, но нема да има борбена улога. Според веќе најавениот план, САД сакаат да ги повлечат скоро сите свои војници од оваа земја до 2016 година.

Америакнскиот претседател, во своето обраќање, ја отфрли тезата дека САД се суперсила во залез, велејќи дека светот „се уште се врти кон Америка секогаш кога има безбедносна криза“.

- Според сите критериуми, Америка никогаш не била посилна во споредба со остатокот на светот. Нашата армија е без конкурент. Нашата економија е најдинамичната на Земјата. Од Европа до Азија ние сме центарот на сојузи какви што немало во историјата на нациите. Кога Филипините ќе ги погоди тајфун, или кога девојчиња се киднапирани во Нигерија, или маскирани луѓе окупираат згради во Украина, светот се врти кон Америка да бара помош. Така беше во минатиот век, и така најверојатно ќе биде и во векот кој доаѓа, изјави Обама.

Тој како главна закана за САД го прогласи тероризмот и најави нов фонд од пет милијарди долари кој ќе служи за соработка со низа земји кои се соочени со тероризмот. Конкретно, парите ќе бидат употребени за обука на армиите на земји како Јемен за борба против Ал Каеда, за мировни сили во Сомалија, обезбедување на границата на Либија или за помош на француската операција против исламистите во Мали.

За најголемото кризно жариште во Европа – Украина, Обама рече дека светот не е соочен со нова Студена војна.

- Нашата способност да влијаеме врз светската јавност ни помогна веднаш да ја изолираме Русија. Поради американското лидерство, светот веднаш ги осуди руските постапки. Европа и групата Г7 се приклучија кон нашие санкции. НАТО ја засили својата посветеност кон источноевропските сојузници. Овој викенд, милиони Украинци гласаа. Не знаеме како ситуацијата ќе се развива и дали ќе има тешки последици, но ние стоиме со нашите сојузници убедени дека меѓународниот поредок им дава за право на украинските граѓани да ја одберат својата иднина, изјави Обама, кој најави засилување на позицијата на НАТО како одговор на оваа криза. 

28.05.2014 - 20:54
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа