Збогум Кристофер Ивон

Вкупно седум нови амбасадори во четврток и петок ќе стапат на должност во Македонија, по предавањето на акредитивните писма на претседателот Ѓорге Иванов, прво во неговиот втор мандат.

Нови амбасадори во земјава испраќаат Полска, Велика Британија, Кина, Албанија, Финска, Латвија и Република Ирска.

На местото на досегашниот британски амбасадор Кристофер Ивон, кој воедно беше и доајен на дипломатскиот кор во земјава, доаѓа Чарлс Едмонд Гарет, кој во британската дипломатија работи од 1987 година, а зад себе има искуство во британските претставништва во Хонг Конг, Никозија, Берн и Тајпеј.

Нов доајен на дипломатскиот кор, односно амбасадор со најдолг стаж во земјава, ќе биде швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото.

Нов амбасадор на Народна Република Кина, на местото на Цуи Живеи, е некогашниот новинар Вен Џеншун, кој магистрирал на Академијата за дипломатска политика во Виена, а зад себе има искуство во Директоратот на западно-европски работи во кинеското МНР, како и во амбасадите на неговата земја во Германија и во Луксембург. Во Скопје доаѓа од местото Генерален конзул во Франкфурт.

Поранешен новинар ќе раководи и со албаската амбасада во Скопје. Петрит Бушати, покрај 11 годишната новинарска кариера, зад себе има и дипломатско искуство во претставништвата на Албанија во Виена, Стокхолм и Вашингтон.

Нов полски амбасадор Македонија ќе биде филологот Јацек Стефан Мултановски, кој зад себе има искуство во амбасадите во Алмати и Тбилиси, како и во одделенијата за Европа и Русија во полското МНР.

 

Нов амбасадор на Финска, со седиште во Загреб, е Тимо Рајакангас, додека нов амбасадор на Латвија, со седиште во Прага, е Албертс Сарканис. Нов амбасадор на Република Ирска, со седиште во Букурешт, е Џерард Кор. 

28.05.2014 - 12:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега