Топузова Каревска: Надво од Собранието нема да постигнеме ништо

Пратеничката од опозициската ЛДП Роза Топузова Каревска ќе остане во парламентот и покрај одлуката на останатите пратеници од СДСМ и другите коалициски партии да поднесат оставки и да не ги прифатат пратеничките мандати.

Во изјава за „Утрински весник“ Топузова-Каревска вели дека одлуката да не поднесе оставка ја донела затоа што не гледа јасна стратегија што ќе постигне опозицискиот блок со поднесувањето на оставките.

„Не сум убедена дека дејствувањето надвор од институциите ќе биде соодветен одговор во борбата за демократија со режимот на власта. Мислам дека местото на народните избраници е во Собранието каде што треба да ги застапуваат интересите на граѓаните кои ги избрале“, вели Топузова-Каревска.

Таа е единствената од 34 пратеници кои добија пратенички места од опозицискиот блок предводен од социјалдемократите, која не се согласи да поднесе оставка и одлучи да ја продолжи парламентарната битка. Топузова-Каревска додава дека во парламентот ќе продoлжи да работи како опозициски пратеник и критички ќе ги опсервира политиките на владејачкото мнозинство.

28.05.2014 - 11:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега