Денеска ќе биде објавен распоредот за екстерното тестирање

 

Од денеска во основните и средните училишта каде треба да се спроведе екстерното тестирање ќе бидат објавени имињата на учениците со денот кога ќе полагаат.

Три дена пред тестирањето, учениците ќе бидат информирани кои два предмета ќе ги полагаат.

- Училиштата имаат обврска овие распореди денеска пред почетокот на наставата да ги постават на видно место, со цел учениците да се запознаат на која дата ќе полагаат. Распоредите дополнети со предметот кој ќе го полагаат учениците, ќе се објавуваат секој ден, односно три дена пред секое тестирање, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес-конференција.

Покрај во училиштата, распоредите ќе бидат објавувани и од страна на Државниот испитен центар на веб страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk.

Резултатите од тестирањето ќе бидат објавувани етапно, со тоа што предност и во полагањето и во добивањето на резултатите ќе имаат осмооделенците поради претстојните уписи во средните училишта што ќе се одржат на 23 јуни, односно на 18 јуни во Спортската академија.

Прашањата за екстерното тестирање беа објавени пред речиси еден месец, а, како што информира министерот Ристовски, прифатени се и 3.461 забелешка и направена е соодветна корекција на прашањата. 

Со екстерното тестирање ќе бидат опфатени вкупно 189.037 ученици од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, како и 18.126 наставници во 680 основни и средни училишта. Тестирањето ќе го следат 638 набљудувачи, а ќе бидат ангажирани и 175 администратори. Активни ќе бидат и инспекторите на Државниот просветен инспекторат, а отворени ќе бидат и кол центрите на Државниот испитен центар.

28.05.2014 - 09:32
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега