Обама подготвува мисија на ЦИА за обука на сириските бунтовници
Американскиот претседател Барак Обама се подготвува да испрати мал тим на инструктори на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во реонот на Блискиот Исток, каде ќе ги обучуваат сириските бунтовници, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Обама денеска треба да се обрати пред дипломците на воената академија „Вест Поинт“, а пред настанот, неговите советници соопштија дека тој ќе ја најави оваа нова мерка, со која САД ќе го зголемат ангажманот во Сирија.
Американскиот Конгрес ја поддржуваше идејата за вооружување и обука на сириските бунтовници се до минатиот септември, кога САД неочекувано се повлекоа од планот за воздушни напади врз Сирија. Оттогаш сириската армија, помогната од Русија, Иран и либанската група Хезболах, забележа серија успеси против сириските бунтовници, преземајќи некои од нивните најголеми упоришта, а на почетокот на месецов го освои и градот Хомс.
Според најавата која доаѓа од Белата куќа, помошта ќе им биде упатена на бунтовниците од умереното крило и не се поврзани со исламистичките групи, кои исто така дејствуваат во Сирија.
Јавната телевизија Пи-Би-Ес денеска треба да емитува и разговори со некои од „поприфатливите“ бунтовнички водачи во Сирија, кои ќе ги претстават своите планови за земјата, доколку успеат да го победат сирискиот претседател Баѓар ел Асад. И покрај најавата на Обама дека употребата на хемиско оружје е црвена линија по која ќе следи американска воена интервенција, се проценува дека Асад се уште користи бојни отрови против бунтовничките сили и цивили, иако во исто време на инспекторите на ОН им предаде дел од својот хемиски арсенал.
Обраќањето во „Вест Поинт“ доаѓа по посетата на Обама на Авганистан, и се очекува да најави и кој е неговиот план за идното американско воено присуство во оваа земја, каде САД најавија повлекување на најголемиот дел на војниците до крајот на годинава.
За време на посетата на Авганистан, каде неговиот тим направи гаф и по грешка го откри името на директорот на ЦИА за Кабул, Обама не се сретна со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, кој одбива да го потпише договорот за американско присуство во земјата по 2014 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа