Парламентарниот институт во Собранието официјално започна со работа

 

 

Во Собранието на Република Македонија денеска официјално почна со работа Парламентарниот институт. Почнувањето со работа на Парламентарниот институт го означија претседателот на Собранието Трајко Вељановски и амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија Стефани Лазарото.  

- Замислата е преку овој проект за Собранието, односно за пратениците, работните тела, советите, пратеничките групи, како и за потребите на вработените во Собранието, да се обезбедат објективни општи и компаративни анализи, анализи на закони, како и пристап до модерна и соодветно систематизирана истражувачка библиотека, истакна Вељаноски.

Тимот на Парламентарниот институт е составен од 25 државни службеници со соодветно образование, обучени и подготвени да одговорат на барањата на пратениците и потребите за изработка на анализи и истражувања.

- Посветивме голем анганжман на проекти кои ги реализиравме заедно со партнери и донатори, проекти кои овозможуваат и зајакнување на капацитетот, но и отворање на законодавниот дом кон јавноста и граѓаните. Дел од овие проекти се секако и „Мојот пратеник“ и „Канцеларии за контакт со граѓаните“. Секој од овие проекти се отпочнува, како што споменав со некој од партнерите, но секогаш се настојува по извесен период проектот да остане во самостојна и целосна реализација на Собранието, рече првиот парламентарец.

Амбасадорот Лазарото изрази задоволство што по 5,5 години се заокружува проектот за Парламентарниот институт, посочувајќи на задачите што тој ќе ги извршува.   

- До крајот на годината Швајцарија со 4,5 милиони франци ќе придонесе за Парламентарниот институт, изјави Лазарото.   

Парламентарниот институт е посебна организациона единица во рамки на Службата на Собранието на Република Македонија, чија мисија е зајакнување на законодавната и надзораната улога на Собранието.

 

27.05.2014 - 16:36
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега