Филип Морис и Тутунски комбинат Прилеп потпишаа договор за стратешко партнерство

„Филип Морис интернешнл“ од денеска и официјално е стратешки партнер на Тутунскиот комбинат Прилеп. Новото партнерство треба да обезбеди профитабилно работење на прилепскиот комбинат и стабилна иднина за околу 6.000 негови кооперанти  и вработени. Договорот беше потпишан во присуство на премиерот Никола Груевски и вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски, во македонската Влада, договорот во име на „Филип Морис интернешнл“  го потпишаа Оливио Вањети и Кристо Вал де Алдегуа и Александар Дервенџиев, директор на ТК Прилеп.

- Управувачката структура ќе му припаѓа на „Филип Морис“ што е многу важно за натамошниот развој на Тутунскиот комбинат бидејќи со овој потег ќе постигнеме една од стратешките цели, а тоа е да се добие трансфер на ноу хау од водечкиот играч од оваа индустрија во светот, рече по потпишувањето на договорот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Потпретседателката на „Филип Морис интернешнл“ за ЈИЕ Спејси Кенеди истакна дека договорот е ново поглавје за нивната нова компанија за Македонија и ќе се зајакне нивното присуство во тутунската индустрија во регионот.

- Уверена дека овој заеднички потфат ќе донесе заедничка корист за нашите две компании и ќе создаде цврста основа за иднината на македонската тутунска индустрија. Ќе овозможи проширување на нашето присуство на македонскиот пазар, но исто така и натамошно зајакнување на нашето присуство во регионот на ЈИЕ, посочи Кенеди, истакнувајќи дека  како компанија се свесни за  долгогодишното искуство на тутунскиот бизнис во Македонија.

Претседателот на Филип Морис Интернешнл за Источна Европа, Блискиот исток и Африка, Мирослав Зијелински,  истакна дека покрај долгата историја  на макеоднската тутунска индустрија,  во проектот биле привлечени  од позитивната клима за и меѓународните нвеститори. - Оваа Влада, нејзините министри и нивната силна посветеност на растот на меѓународните инвестиции ни дава доверба за иднината на нашиот проект во Македонија. Уверени сме дека комбинацијата од водечкото меѓународно искуство на Филип Морис во светот заедно со силните корени на ТК ќе создаде одлична основа за вкупниот успех и за постигнување на нашите цели во иднина, наведе Зијелински.

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески,  со договорот се крунисуваат долгогодишните напори на Владата да се најде добар квалитетен стратешки партнер за ТК Прилеп и се затвора  децениското проблематично прашање за стабилноста  на работењето на Тутунскиот комбинат.

- Има најмалку три придобивки од договорот. Првата придобивка е за производителите на тутун, за кооперантите и за вработените во ТК.  Тутунскиот комбинат има околу 5.000 кооперанти производители на тутун и околу 1.000 вработени. За сите 6.000 семејства,  со овој договор се обезбедува стабилна иднина и можност за позначаен откуп на произведениот тутун и стабилни услови за работење на  комбинатот каде тутунопроизводителите го предаваат тутунот, рече Ставрски. 

За директорот на ТК Прилеп, стратешкото партнерство со Филип  Морис интернешнл, има историски карактер.

- Стратешко партнерство со еден гигант  во тутунската индустрија - Филип Морис, претставува предуслов  комбинатот по децениска  неизвесност конечно да излезе од листата на т.н загубари и да фати приклучок со останатите успешни компании во  оваа исклучително  компетитивна индустрија, рече Дервенџиев.

27.05.2014 - 13:50
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега