Ристовски: Екстерното тестирање го подобрува квалитетот на образованието

Екстерното тестирање го подобрува квалитетот на образованието, истакна министерот Спиро Ристовски во интервју за Лидер.

-Како и за секоја новина, често се случува на стартот да постои извесна резистентност, одбивност кон било какви промени. Некои јавни личности, професори, во континуитет се обидуваат екстерното тестирање да го прикажат како некој страшен проект кој треба да ги заплаши учениците и наставниците. Тоа е апсолутно неточно. Екстерното тестирање е процес кој треба да обезбеди многу поголема објективност во учењето, во оценувањето и секако објективност во начинот на којшто се верификуваат знањата на учениците од страна на наставниците. Знаете, во минатото беше еден вид јавна тајна континуираното заштитување на определени деца. Системот на екстерно теститрање е направен да се избегнат сите овие влијанија од причина што вистинската цел е да се обезбеди систем во кој дефакто ќе биде верификувано вистинското знаење на учениците. Ако лани беше критикуван начинот на спроведување на екстерното тестирање, ние оваа година имплементиравме многу измени во насока на зголемување на транспарентноста, односно креиравме систем подостапен за учениците. Моите очекувања се дека ќе помине екстерното тестирање бидејќи ова е трет пат. Учениците имаа можност еден месец порано да ги добијат прашањата, да го повторат материјалот.  На три дена пред полагањето тие ќе знаат и кои два предмета ќе ги полагаат. Ние дозволивме и да се даваат забелешки заклучно со 16 мај во однос на прашањата. Според мене очекувано е во услови на половина милион прашања некој да најде некаква забелешка. Ние добивме 3461 објективна забелешка, и истите ги прифативме. Ако се вратите неколку години наназат ќе видите дека и кога се имплементираше државната матура се правеа многу притисоци, а сега таа е еден нормален процес кој придонесува за подобрување на квалитетот на образованието. Јас очекувам дека и за екстерното тестирање ситуацијата ќе биде иста. Во оваа прилика би апелирал до учениците да се фокусираат на прашањата, да си го повторат материјалот, бидејќи ученик којшто учел само ќе треба да го повтори. Не постои начин да се научат толку прашања за неколку дена, истакна Ристовски.

Лидер:  Какви резултати очекувате и како истите ќе влијаат врз понатамошната реформа врз системот на образование?

Република Македонија има донесено генерален став да ги следи ОЕЦД индикаторите за квалитет на образованието. Тоа се мерни кретериуми по којшто се утврдува квлитетот на образовниот систем не само во Македонија, туку и на светско ниво. Со оглед на фактото што Македонија не била дел од ПИСА тестирањето од 2001 година, ние како Влада решени да се соочиме со реалноста, нас ни е неопходно да се достави вистински параметар во кој дел да продолжиме со одредени реформи, а каде да се започнат нови реформи. Па, така ние се одлучивме да се приклучиме на ПИСА тестирањето за 2015 година. Беше направено пробно тестирање врз 1.500 средношколви. Резултатите од ова тестирање ги добива ОЕЦД, истите не се објавуваат, туку се повеќе за да се видат ефектите и подготвеноста на целиот терен за реалното тестирање кое ќе се случува во текот на 2015 година и потоа, во текот на 2015-2016 година, ОЕЦД ќе ги објави рангирањата на државите во делот на квалитетот на образовниот систем.

Повеќе на Лидер.

27.05.2014 - 11:18
Фото: 
дневник
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега