Катастрофалните поплави на Балканот ќе предизвикаат недостиг на струја

Светската банка денеска оцени дека катастрофалните поплави во земјите од Западен Балкан ќе доведат до забавување на нивниот економски раст, како и дека во следните шест месеци ќе се соочат со проблеми во снабдувањето со електрична енергија. 

Повеќе од 50 лица загинаа при поплавите и лизгање на земјиштето во Србија, БиХ и Хрватска, предизвикани од дождовите, кои беа најпоројни во последните 100 години. Дождот доведе до зголемување на нивото на водата во реките и поплавување на патишта, мостови, обработливи површини и цели населни места.

Србија и БиХ беа најпогодени од природната непогода, а штетите се проценуваат на стотици милиони евра, што е огромен удар за нивните економии.

Производството на струја во Србија се намали за 40 проценти како резултат од десетдневниот прекин на работата на најголемата електроцентрала. Проблематично беше и снабдувањето со електрична енергија  во БиХ, а помалку во Хрватска.

Според директорот на Светска банка за Југоисточна Европа, Елан Голдстејн, во текот на оваа година поплавите ќе предизвикаат намалување на економскиот раст, а најголем проблем ќе претставува снабдувањето на електроцентралите со потребното гориво поради поплавените рудници со јаглен.

26.05.2014 - 20:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа