„Златна зора“ влегува во Европскиот парламент

Неофашистичката грчка партија „Златна Зора“ ќе има свои претставници во идниот состав на Европскиот парламент, покажуваат последните анкети според излезноста на гласачите за европските избори кај нашиот јужен сосед. Според последните анкети од излезноста во Грција, што синоќа ги лиферуваше прес-службата на Европарламентот, СИРИЗА на Алексис Ципрас освојува меѓу 26 и 30 проценти, пред владејачката Нова Демократија на премиерот Андонис Самарас со 23-27 отсто од гласовите. Изненадувачки, на трето место, засега е „Златна зора“ со десет проценти од гласовите. Тоа значи дека во новиот состав на Европскиот парламент, од 21 пратнеичко место за Грција, неколку ќе бидат обезбедени за неофашистите, што создава главоболки во Брисел.

Социјал-демократската партија на екс-премиерот Јанез Јанша ќе има најмногу пратеници во Европскиот парламент од Словенија, покажуваат последните анкети од излезноста на денешните европски избори во оваа поранешна југословенска република. Предмалку пристигнаа нови резултати од последните анкети според излесноста на денешнтие гласања, при што во Словенија се претпоставува дека СДС на Јанша освоиле три европратенички места. Зад нив се христијано-демократите од НСИ/СЛС со два пратеника во ЕП, додека социјал-демократите, Верјамем и Десус освоија по еден европратеник.

Претходно, во Германија, земја што во идниот состав од 751 член на Европскиот парламент ќе има најмногу, 96 места, партијата на канцеларката Ангела Меркел според последните информации, од излезени речиси 50 проценти, со 35,7 освоени отсто гласови се претпоставува дека ќе добие 35 места во Европарламентот. Социјалистичката партија (СПД) засега е на 27 проценти или исто толку европратеници, а следуваат „зелените“ со 11 пратеници и други помали партии. Зад Германците, најмногу европратеници ќе има Франција (74), при што таму според последните информации води Националниот фронт на ултра-десничарската Марин Ле Пен со 24,4 освоени гласови од сите излезени. Зад ултрадесничарите, според проценките, во Франција најмногу освоија Радикалната левичарска партија (ПРГ) со 14,2 освоени гласови од излезените.

Во Бугарија, според конечните резултати, партијата Граѓани за европска Бугарија (ГЕРБ) на Бојко Борисов, освои шест од 17-те места што ги има нашио источен сосед во Европарламентот. Зад партијата на Борисов, со пет европратеници е Бугарската социјалистичка партија (БСП), која е и владеечка партија во Бугарија, Партијата ДПС на Турците освои три европратеници, додека изненадувачки, новоформираната партија “Бугарија без цензура” на новинарот Николај Бареков освои два европратеници, а реформистите само еден. Она што не е позитивно за Македонија е што докажаните анти-Македонисти во Европарламентот, бугарските европратеници Андреј Ковачев и Евгени Кирилов, и во наредните пет години ќе бидат дел од европскито законодавен дом.

На Кипар, пак, демохристијанската партија Демократскиот собир и Комунистичката партија (АКЕЛ) освоија по два европратеници, додека Зелената партија и Демократската партија по еден од вкупно шесте европратеници што оваа мала островска земја ги има на располагање.

Но, затоа, Народната партија на Австрија со 27,3 отсто од гласовите, како и Социјалдемократската партија со 23,8% и Партијата на слободата со 19,5 проценти од освоените гласови се победници на евроизборите во Австрија. Каде свое место во Европарламентот, каде Австрија ќе има вкупно 19 места, освоија и „зелените“ со 15,1 проценти од гласовите и партијата „Нова Австрија“ со 7,9 отсто.

Националната коалиција однесе победа, освојувајќи пет европратенички места во Финска, пред Партијата од центарот со три, социјал-дмеократите со две, исто колку и Финската партија, додека левичарите и „зелените“ завршија со по еден европратеник.

Засега, ова се неофицијалните резултати кои пристигаат во базата на Европскиот парламент во Брисел. Конститутивната седница за формирање на Европарламентот е закажана за 1 јули во Стразбур. 

26.05.2014 - 09:11
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа