Ветерниците во Богданци ги произведоа првите 7 милиони киловат-часови струја

 

Првиот парк на ветерни електрани "Богданци" за педесетина дена откако почна со пробно производство на електрична енергија испорачал над 7 милиони киловат-часови или 7,1 гигават-часови струја во електроенергетскиот систем на Република Македонија, информираат од Електрани на Македонија.

- Кон крајот на март беше спроведена координирана операција на трите енергетски компании ЕЛЕМ, МЕПСО И ЕВН-Македонија за приклучување на ветерниот парк на електропреносната мрежа преку трафостаницата во Валандово - потсетуваат од ЕЛЕМ и додаваат дека со тој зафат практично и се создадоа потребните предуслови да почне тестирањето на комплетната опрема преку пробно производство на електрична енергија.

Согласно планот на активности пробната работа што како период е пропишан од производителот на опремата ќе трае до јуни по што новиот енергетски капацитет ќе биде ставен на располагање на електроенергетскиот систем на Република Македонија, односно ќе влезе во редовно производство.

-Во тек е и асфалтирањето на постојната инфраструктура и последните зафати за уредување на околината во пејзажна смисла која подразбира рамнење на теренот, расчистување на помошните материјали и хортикултурно уредување на теренот околу ветерниците - велат ЕЛЕМ. 
Овој прв ветропарк во земјава се градеше интензивно при што последната фаза беше реализирана со околу 200 работници ангажирани во три смени. За време на монтажата на ветерниците се одвиваше и транспортот на ветерниците од солунското пристаниште. За пренос на деловите за само една ветерница беа потребни десетина огромни камиони со вкупен товар од 330 тони. Бетонирањето на темелите за сите 16 ветерници започна на 6 ноември минатата година, а заврши на 23 јануари годинава. За таа намена беа употребени 5.600 кубици бетон, а вградени се вкупно 640 тони арматура. Висината на столбот на секоја ветерница е 84 метри.

ПВЕ-Богданци" се очекува да испорачуваат најмалку 100 гигават-часови природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија, или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово или Гостивар. 

24.05.2014 - 10:57
Фото: 
Фактор.мк
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега