Македонска државна и црковна делегација на молебен на гробот на свети Кирил
Молебен на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим ќе се одржи денеска, како централен настан во рамки на 46. манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“. На гробот ќе се поклони државна и црковна делегација, а со службата ќе чиноначалствува митрополитот европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.
- „Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде или завидлив па тоа да не го сака?“. Со овие зборови Константин философ, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9. век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус. Годинава се одбележуваат 1145 години од смртта на сесловенскиот просветител свети Кирил.
Паралелно со 46. издание на манифестацијата во чест на свети Кирил, Македонија одбележува и 20-годишен јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи со Ватикан. Како дел од културната програма за манифестацијата и јубилејот во Ватиканските музеи беше отворена изложба „Словенски ракописи од 13 до 19 век“, а синоќа во театарот „Куирино“ беше изведена театарската претстава „14 часа“.
И Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје денеска со низа активности ќе го одбележи патронатот и 65 години од своето постоење. Според програмата, ќе се одржи молебен за светите браќа просветители и положување цвеќе пред нивниот споменик во Универзитетскиот кампус, како и пригодна уметничка програма.
Одбележувањето на патрониот празник ќе биде заокружено вечер со свечена академија во Македонски народен театар на која реч ќе одржи ректорот на УКИМ Велимир Стојковски. Настанот ќе биде збогатен со музичка програма со настап на хорот „Драги Шуплевски“ при Факултетот за музички уметности на УКИМ.
Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј ќе се чествува и во Охрид со полагање цвеќе на нивниот споменик во градот и со концерт на македонски пијанисти под раководство на проф. Кристијан Каровски што ќе се одржи во црквата „Св. Софија“.
По повод Денот на македонските и сесловенските просветители, Градскиот дувачки оркестар во Скопје ќе одржи концерт на плоштадот „Македонија“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа