Средба на Канческа Милевска со нејзиниот италијански колега Франческини

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Рим, во рамките на службената посета на Република Италија, оствари билатерална средба со италијанскиот министер за култура Дарио Франческини.

Како што соопшти Министерството за култура, во пријатна и конструктивна атмосфера, на средбата стана збор за досегашната соработка  во областа на културата како и за идните активности со кои би се продлабочиле културните врски помеѓу двете земји. Двајцата министри заклучија дека врз база на досегашната Програма за соработка помеѓу Република Македонија и Република Италија во областа на  културата, образованието и науката се реализирани бројни проекти кои упатуваат и на потпишување на посебна програма за култура заради обемот на проектите и активностите.

- Министерката Канческа-Милевска со посебно внимание му се заблагодари на министерот Франческини за поддршката на италијанската Влада, која заедно со Регионалното биро на УНЕСКО од Венеција, оваа година ќе финансира посебна обука за македонските експерти од областа на недозволената трговија со културното наследство. Оваа обука ќе се реализира во соработка со Министерството за култура  на РМ, Министерството за внатрешни работи, царинските управи и италијанските карабињери.  Министерката за култура на средбата ја акцентираше и одличната соработка која Министерството за култура ја има со Амбасадата на Република Италија во Скопје со која во следниот период ќе се реализираат заеднички активности по повод претседавањето на Италија со Европската унија, соопшти Министерството за култура.

 
По упатената покана од страна на Канческа-Милевска, нејзиниот колега да ја посети Република Македонија, Фраческини изрази подготвеност да присуствува на отворањето на изложбата на мозаиците на Јустинијан од Равена, која во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија ќе се реализира во октомври 2014 година.

Канческа-Милевска синоќа, во рамките на културната програма на 46-тата традиционална манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил”, во Ватиканските музеи, во присуство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, бројни гости и претставници на дипломатскиот кор, се обрати  на свеченото отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија  од 13 до 19 век“.

Во рамките на културната програма на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, вечерва во театарот Куирино   ќе биде изведена  балетска претстава „14 часа“ на Македонската опера и балет.  Претставата е во режија на Наташа Поплавска, музиката е на Кирил Џајковски, кореографијата и сценографијата на Игор Киров, а настапуваат  примабалерината Александра Мијалкова, Василиј Чичијашвили и солисти од македонскиот балет.

23.05.2014 - 17:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега