Стево Темелковски: Катастрофите се резултат на неподготвеноста на луѓето и општествата

Климатските промени и несериозниот однос на човекот кон природата се клучните фактори за се почестите природни катастрофи и промената на кимата. Заменик, министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски во интервју за Прес24, потенцира дека природните несреќи, сами по себе, не водат кон катастрофи, туку катастрофите се резултат од подготвеноста на луѓето, поточно општествата за справување со нив.

- Поради тоа е неопходна навремена и ефикасна превентивна подготовка и подготвеност за спроведување на мерките за заштита и спасување, а тоа е и предуслов за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди и други несреќи, вели за Прес 24, Темелковски.

Последните катасрофални поплави кои ги зафатија, Србија, Босна и Хрватска и во кои настрадаа над 50 лица, а огромен број семесјта останаа без своите домови, се последните во низа природни несреќи, кои се почесто се случуваат. За односот кон природата, за улогата на човекот како клулен фактор, за можноста од превенции, најмногу се зборува токму во овој период, но набргу потоа се се заборава.

-Меѓу 1970 и 2004 година забележано е 70% зголемување на емисиите на стакленички гасови на светско ниво. Порастот на сообраќајот е 120%, со посебен осврт на тоа што забележан е намалениот капацитет на шумите да ги задржат емисиите на јаглерод диоксид, а и како резултат на промените во користењето на земјиштето, вели Темелковски предупредуваќи во кон правец се движи земјата.

-Мене ме плашат прогнозите дека просечната температура во светот ќе порасне за 2 до 4 Ц над денешните нивоа во текот на овој век, а во најлош случај за 6 Ц. Ние веќе имаме огромни проблеми од досегашните промени на климата и нивната поврзаност со поплавите. Можете само да замислите што би значело зголемува за три до четири пати, вели во интервјуто за Прес24, заменик министерот за екологија, Стево Темелковски.

ПРЕС24:  Поплавите кои што ја зафатија Србија, Босна и Хрватска покажаа дека елементарните непогоди лесно можат да станат национални трагедии. Зошто се случува ова?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Голема вистина е дека природните несреќи, сами по себе, не водат кон катастрофи, туку катастрофите се резултат од подготвеноста на луѓето, поточно општествата за справување со нив. Елементарните непогоди стануваат трагедии во моментот кога влијаат врз животот на луѓето.  Кога имаме непогоди како: земјотерсите, поплавите, лизгање на земјиштето, снежните наноси, лавините, голомразица, град или суша, пожари, нашето опстојување доаѓа во опасност или во поблага форма доаѓа до нарушување на нашето секојдневно функционирање. Сето ова го имаме предвид, бидејќи до непогодите доаѓа ненадејно и често во серии, непогодите се доста непредвидливи во поглед на местото и време, имаат доста специфичности, со оглед на можноста на настанување и обемот на последиците по луѓето и животната средина, доста често и покрај запирање на процесот, санирањето на последиците е со потешкотии и бара долгорочно планирање.

Поради тоа е неопходна навремена и ефикасна превентивна подготовка и подготвеност за спроведување на мерките за заштита и спасување, а тоа е и предуслов за спречување на настанувањето или за ублажување на последиците од природните непогоди и други несреќи.

 

ПРЕС24:  Природните движења не можат да се контролираат, но колку државите можат да ги превенираат ваквите природни непогоди?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Во светски рамки беше препознаена потребата за заеднички и систематски пристап преку глобална стратегија, која би ги насочувала активностите за превенција, рано предупредување и справување со природните непогоди. Обединетите нации го направија големиот исчекор преку прогласување на периодот од 1990 до 1999 за „Меѓународен ден за намалување на природните катастрофи“. Стекнатите искуства покажаа дека успешноста на долгорочните стратегии за превенција зависат од широко поставената меѓусекторска и интердисциплинарна соработка на сите, и национални и меѓународни, национални и локални, владини и невладини. Затоа, од страна на Обединетите нации беше воспоставена „Меѓународната стратегија за намалување на катастрофи“.

Барањето до државите да развијат национални и поднационални механизми за намалување и превенција од катастрофи, доби свој концепт преку „Рамката за акција на Хјого 2005-2015: Градење на отпорност кон катастрофи на нациите и заедниците“. Ова беше со поддршка на околу 170 земји, меѓу кои и нашата. Беше од нас побарано да развиеме концепт во форма на национална платформа, но да биде направена според локалните потреби и специфики.

 

ПРЕС24: Секогаш државните власти, пред вакви ситуации, без разлика во која држава се случува елемнтарната непогода, велат дека се подготевени за превенција и спречување големи штети, но колку реално може да се превиди ваква голема елементарна непогода и колку реално една држава може да биде подготвена да спречи нејзино претвратање во тратегија?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Видете за успешно превенирање, справување и на крај, санирање, потребни се повеќе чекори. Би го истакнал информирањето, односно подигнување на јавната свест околу ризиците, заштитата и превенцијата. Од исклучителна важност е високата информираност на сите чинители. Понатаму, важно е да имаме меѓунационална, меѓуинституционална, меѓусекторска соработка и вмрежување. Но, за сето тоа да биде исполнето, битна е посветеноста на државата за спроведување на политиките за подготовка, а со тоа и превенција  од непогоди.

 

ПРЕС24:  Како Македонија стои на овој план? Кои мерки ги спроведува државата за заштита од елементарни непогоди?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Македонија своите заложби ги остварува преку повеќе плански документи, преку кои се спроведуваат политиките на ова поле. Од стратешки документи би ги спомнал, „Националната платформа за намалување на ризиците од несреќи и катастрофи, понатаму „Националната концепција за безбедност и одбрана“. Во рамки на „Стратегијата за национална безбедност“ и „Законот за управување со кризи“ се воспостави „Системот за управување со кризи“ , со што се овозможува да се носат одлуки, координација, советување и навремена реакција. Со цел вмрежување и покажување на врвна подготвеност, исклучително би ја истакнал посветеноста од највисоко државно ниво, со тоа мислам на Управувачкиот комитет, што всушност претставува, управувачко тело на Националната платформа. Ова тело е управувано од назначен министер од Владата на Македонија. Работата се состои од верификување на постигнатото и пронаоѓање на оперативни решенија со цел системско решавање. За да имаме заокружена рамка, потребен е локален момент. Тоа се постигнува преку „Локалните совети“ на Националната платформа преку кои се врши локално испитување на опасностите, ги координираат месните заедници и граѓаните, но најмногу со ова се допринесува за „локализирање“ на платформата за директно да биде почувствувана од граѓаните.

 

ПРЕС24: Речиси сите експерти и науката ваквите се почести елемнтарни неподогоди ги лоцираат во климетските промени. Тоа ли е главната причина за се почестите вакви ситуации.?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Јас би се согласил со овие констатации на научниците, впрочем анализите покажуваат промени кај средната годишна температура во последните 20 години, односно таа била повисока. Во изминатите 100 години просечната температура пораснала за речици 0,80 Ц ширум светот. Дванаесет од 13-те најтопло години на светско ниво, од кога започна прецизното документирање, во 1850, беа меѓу 1995 и 2007. Ефектите се јасни, промени кај обрасците на дожд и снежните врнежи, посурови суши и жешки браниови, како и поголем интензитет на тропски циклони.

 

ПРЕС24: Како Македонија придонесува во намалување на штетите од климатските промени. Честопати тема во јавноста е загадениот воздух.?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Неспорно е влијанието на загадувањето на воздухот, но проблемот треба да се гледа низ поширока рамка, поточно поголемата сликата. Би ги спомнал поширокиот број на политики кои ние како Министерство ги спроведуваме. Донесен е „Национален план за заштита на воздухот“, „Национална програма за постепена редукција на количините на емисии на одредените загадувачки супстанции на ниво на Република Македонија“ и „Воспоставување информациски систем за квалитет на воздухот“.

Во овој дел би го истакнал заокружувањето на процесот со системот на издавање на интегрирани     еколошки дозволи за усогласување со опреативен план за сите индустриски сектори.

Поточно поврзано со климатските промени согласно Законот за животна средина е сите компании да добијат А или Б интегрирана дозвола. Ова значи дека компаниите треба да воведат најдобри достапни техники за намалување на загадувањето кое директно влијае врз здравјето на лугето, а и на климатските промени.  Согласно законот оваа активност компаниите требаше да ја завршат до 1 април 2014 повеќето се добиени само мал број останаа кои согласно владината одлука добија пролонгирање на рокот за краток  период. На овој начин индустријата ќе ги задоволи еколошките стандарди кои се согласно европските па и светските директиви.

 

ПРЕС24: Колку човечкот како фактор е виновен за ова што сега се случува?

ТЕМЕЛКОВСКИ: Човекот е клучниот фактор за состојбите. Меѓу 1970 и 2004 година забележано е 70% зголемување на емисиите на стакленички гасови на светско ниво. Порастот на сообраќајот е 120%, со посебен осврт на тоа што забележан е намалениот капацитет на шумите да ги задржат емисиите на јаглерод диоксид, а и како резултат на промените во користењето на земјиштето.

 

ПРЕС24:  Науката предвидува дека ако досега вакви поллави се случувале на 50 години, отсега токму поради нарушувањето на климата, вакви ситуации можат да бидат присутни барем еднаш на десет години. Колку овие предупредувања треба да бидат сериозни предупредувања?

 

ТЕМЕЛКОВСКИ: Климатските промени веќе значајно влијаат на нашиот живот. И се покажа дека научниците биле во право и нивните предвидувања се исполнуваат со засилено темпо. Искрено, мене ме плашат прогнозите дека просечната температура во светот ќе порасне за 2 до 4 Ц над денешните нивоа во текот на овој век, а во најлош случај за 6 Ц. Ние веќе имаме огромни проблеми од досегашните промени на климата и нивната поврзаност со поплавите. Можете само да замислите што би значело зголемува за три до четири пати.

22.05.2014 - 13:41
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега